Игор Стефановски – Иџе: Моторот е за фрлање, сезоната виси во воздух! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Игор Стефановски – Иџе: Моторот е за фрлање, сезоната виси во воздух!

Иџе ги прегазува конкурентите на патеката, но тешко излегува на крај со финансиските проблеми по сударите и дефектите на трките во Чешка и Полска и со временскиот теснец пред следниот настап во Италија!

По дефектот на моторот на последната трка во Полска, продолжението на сезоната на нашиот најдобар автомобилист, Игор Стефановски Иџе и водечки во генералниот пласман на Европското првенство на ридски патеки виси на конец! Настапот на следната трка во Италија е под голем знак прашалник како и воопшто останатиот дел од сезоната што од финансиски проблеми што од временскиот теснец во кој се најде тимот.

Токму кога Македонија имаше шанси да се најде на мапата на европскиот автомобилизам со својот прв Европски шампион во историјата, трите судари на трката во Чешка и дефектот во Полска сериозно го оддалечија Иџе од исполнувањето на животниот сон. Тој по половина од сезоната и шест извозени трки, е во водство во генералниот пласман за ЕП на ридски патеки со четири победи.

Пред неколку дена екипата на Стефановски се врати во Македонија со она што остана од нивниот Mitsubishi Lancer Evo IX, но санирањето на штетите ќе чини многу повеќе и ќе бара многу повеќе време од она што екипата го има на располагање.

„Надворешните оштетувања од трката во Чешка ќе се санираат. Купивме нови делови во Полска, а заедниот дел од возилото може да се доведе во ред. Но, од моторот добар дел е за фрлање. Такви делови кај нас нема и не знам дали ќе успееме воопшто да ги набавиме навреме за да стигнеме на следната трка во Италија бидејќи имаме само уште една недела“ – изјави Иџе.

idze-lancer-nadvor

Каква е ситуацијата во моментов?

Возилото се санира од надвор, а за моторот имавме две варијанти. Првата е да набавиме нов за што немаме доволно финансиски средства, поради што се решивме да ги нарачавме оние делови кои се уништени и ќе се обидеме да ги склопиме со она што остана од моторот. И во двете варијанти ќе треба да се оди во Полска или во Чешка за моторот да се мапира и наштелува со електрониката и останатите сегменти. Мора да се дијагностицира и причината поради која „изгоре“ во Полска, да се тестира, па дури потоа да одиме за Италија.

Има ли шанси сето тоа да се вклопи?

Ние не се предаваме, деловите се нарачани, очекуваме да пристигнат по ДХЛ. Сепак, не знам дали ќе стигнеме до следниот викенд да се спремиме за Италија затоа што како што споменав ќе мора првин да одиме во Полска на специјализиран сервис. Дури и да успееме, нема гаранција дека моторот и возилото ќе функционираат како што треба. За жал, се натпреваруваме на ниво на кое нема простор за импровизација. Секој таков потег значи послаб резултат. Против нас имаме сериозни екипи со професионални возачи кои се десетина пати побогати и поподготвени од нас. А, ако не успееме да го вратиме автомобилот во натпреварувачка форма тогаш ќе мора да се простиме од сезоната. Исто така, можно е овие поправки финансиски не истрошат до тој степен и едноставно да немаме доволно средства да ја истераме сезоната до крај.

Има ли шанси до тоа сепак да не дојде посебно кога си речиси со половина завршена работа на патот до титулата европски шампион?

Финансискиот момент е најважниот. Секако, благодарни сме за досегашната помош од спонзорите, но сите овие дефекти сериозно ни ја разнишаа финансиската конструкција. Се обидуваме да најдеме и дополнителен спонзор кој би не стабилизирал за вториот дел од сезоната, секоја помош е добредојдена, па се надевам дека ќе успееме. Брзи сме, побрзи од конкуренцијата, победуваме, можеме да стигнеме до европската титула. Навистина ќе биде многу трагично ако влезам во историјата на автомобилизмот како некој кој се откажал на половина сезона во ситуација кога бил водечки во генералниот пласман.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.