Bentley Continental GT3-R – Bentley со најбрзо забрзување во историјата на брендот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Bentley Continental GT3-R – Bentley со најбрзо забрзување во историјата на брендот!

Што добивате кога V8 моторот во Bentley Continental V8 ќе го навиете на 580 коњски сили и 700 Nm, а автомобилот ќе го олесните за 100 килограми? 100 километри на час за 3.8 секунди, тоа!

Намалувањето на тежината е повеќе од само тренд – придобивките се очигледни! Кај Bentley Continental GT3-R, отстранети се задните седишта, издувниот систем е заменет со титаниумски, а тркалата се заменети за специјални, лесни, 21-инчни ковани тркала кои се замотани во Pirelli гуми.

Поработено е и на моторот – кај GT3-R се наоѓа истиот кој е и во GT V8 S, но дополнително навиен од 528 коњски сили и 680 Nm на 580 коњски сили на 6000 вртежи и 700 Nm достапни од само 1700 вртежи во минута. За преносот е задолжен 8-степен ZF автоматски менувач кој ја пренесува силата кон сите четири тркала. Дополнително, за прв пат кај Bentley се појавува и систем за векторирање на вртежниот момент.

Благодарение на одличната комбинација од помала тежина и повеќе сила, Continental GT3-R забрзува до 100 километри на час за само 3.8 секунди, а со тоа е 0.7 секунди побрз од GT V8 S. Од друга страна, заради променети односи на брзините кај GT3-R, максималната брзина е намалена од 309 километри на час на „цивилни“ 272 километри на час. Со цел да се задржи ексклузивноста на моделот, ќе бидат произведени само 300 примероци, а сите ќе бидат во оваа бела боја која ја гледаме на фотографиите, само се надеваме дека може да се нарача без вулгарните лепенки.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.