full screen background image
Search

Иџе подготвен за шесттата трка од европскиот шампионат!

По несреќата во Чешка каде Иџе го оштети својот автомобил, но сепак стигна до второто место, тимот работеше неуморно за да го врати возилото во натпреварувачка форма!

Македонскиот автомобилистички ас, Игор Стефановски – Иџе ја продолжува својата европска одисеја со шестата трка со која ќе се комплетира првиот дел од Европскиот шампионат на ридски патеки која викендов ќе се вози во Лиманова на југот на Полска. Досега, Иџе победи во Франција, Австрија и Шпанија, во Португалија беше трет, а на последната трка во Чешка го освои второто место.

Токму последната трка која се возеше минатиот викенд максимално ги искомплицира работите за тимот на Стефановски пред пристигнувањето во Лиманова. Поради трите судари на тркачкиот викенд во Чешка и големиот број оштетувања на возилото, тимот имаше вонредно напорни неколку дена во обид да го врати тркачкото Mitsubishi Lancer Evo IX во компетитивна форма. Поради разликата од само една недела помеѓу трките во Чешка и Полска и неможноста да се вратат во Македонија, тимот мораше да бара алтернативно решение за поправка на возилото. За таа цел изминативе денови екипата престојуваше во Краков во специјализираниот сервис за тркачки возила „4Турбо.“

– Средивме што можеше да се среди, односно за што имаше време и финансиски средства. Ги сменивме фаровите, крилата, турбината, некои поситни внатрешни делови, детално го проверивме целото возило. Домаќините беа навистина фер и ни ја ставија на располагање целата нивна апаратура и знаење. Сепак, некои работи ќе останат да се корегираат во Скопје, посебно за надворешните оштетувања – вели Иџе.

Поврзано:   Mitsubishi L200 добива опција за голем кровен шатор

– Најголем проблем ни создадоа држачите на воланот кои се скршија при еден од сударите, па тој шета лево-десно. За нив не најдовме замена, па моравме некако да импровизираме со стеги. Не знам колку тоа ќе издржи. Всушност, бидејќи немавме можност да го пробаме возилото како што треба, ќе видиме на првиот саботен тренинг што сме направиле. Ако е се во ред, ќе атакуваме на нова победа.

idze-ceska-sudar

Иџе ќе има уште една грижа пред трката, а тоа е техничката комисија во Лиманова:

– Возилото сеуште има видни оштетувања на надворешниот дел. Се обидовме максимално да ги корегираме, но повеќе козметички. Комисијата на задолжителниот технички преглед може да ни прави проблем. Не знам какви се Полјаците и колку се строги во техничкиот дел.

Инаку Лиманова е релативно нова ридско-брзинска трка. Ова е нејзино шесто издание. За оваа година амбициозните домаќини успеаа за прв пат да се најдат на календарот за Европскиот шампионат. Патеката е долга 6.200 метри, натпреварувачите ќе имаат по две возења, а за пласман се смета збирот од двете постигнати времиња. Конкуренцијата на Иџе му ја сочинуваат старите познаници од Чешка, Словачка и Австрија со тоа што иако во групата N има пријавено 23 возила, за Европскиот шампионат ќе се бодуваат 7 од нив. Вкупно се пријавени 101 натпреварувач од кои 23 ќе се натпреваруваат во групите од Европското првенство.

– Поради сите активности претходниве денови воопшто немав време детално да ја анализирам патеката на интернет, па поради тоа забрзано ја учам веднаш штом пристигнавме во Лиманова. На прв поглед е интересна патека, но со многу лизгав асфалт. Според прогнозите, веројатно ќе врне, а велат дека кога е мокра подлогата била како да возите по снег.

Поврзано:   Mitsubishi L200 добива опција за голем кровен шатор

Иџе води во генералниот пласман во Категорија 1 со 100,5 освоени бодови, 10 повеќе од најголемиот конкурент, Чехот Јиржи Лос кој, како и на претходните трки, е пријавен и за оваа во Полска.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.