Иџе го оштети автомобилот, но сепак стигна до второто место! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Иџе го оштети автомобилот, но сепак стигна до второто место!

Игор Стефановски ас на првата трка во Чешка со брзина од 180 километри на час удри во заштината ограда, но и тоа не му пречеше да оствари одлично време и да го освои второто место на пиедесталот!

Најдобриот македонски возач Игор Стефановски – Иџе викендов во Штернберк, Чешка го имаше најмалерозниот викенд во кариерата, но и тоа не го спречи да го освои второт место на на петтата трка од Европскиот шампонат на ридски патеки. Популарниот Иџе на саботниот тренинг, а и на првата неделна трка имаше „блиска средба“ со заштитната ограда и иако неговиот Lancer Evo IX беше сериозно оштетен, тој сепак успеа да заврши зад најголемиот конкурент во групата N, Јири Лос.

– Не паметам вакви малери. На вториот тренинг во саботата удрив во оградата и го скршив предното лево тркало. Автомобилот не беше во возна состојба, но со крајни напори успеавме да го оспособиме за неделните настани. На стартот од првата трка како последица од ударот во саботата се скинаа држачите на воланот и после третиот свиок управувачот почна да бега лево-десно, по што два пати удрив во банкината и тоа со петта брзина и 180 км/ч. До целта имаше уште два-три километри, а автомобилот почна да се тресе и одвај ја завршив трката. За среќа, оштетувањата беа само странични, а не и на шасијата и на подвозјето, но пред стартот на втората трка не можевме да го стартуваме автомобилот. Во пресрет ми излегоа луѓето од еден полски тим и со помош на компјутер утврдија дека се откачил џекот за пумпата за гориво и ме спасија од дисквалификација – изјави Стефановски, кој како виновници за инцидентите ги наведе меките гуми кои прегреваат на високи температури и на долга патека како оваа во Штернберк.

Првото место во групата Н на петеката во Штернберк (Чешка) му припадна на домашниот натпреварувач Јири Лос со време од 7.02,970 минути (3.30,970 и 3.32,000), а Стефановски двете трки ги мина за 7.05,950 минути (3.32,540 и 3.33,410). Пласманот на оваа трка го должи на чешки автомобилисти од групата Е1 кои во саботата му дадоа делови на Стефановски за да го оспособи возилото за неделната трка.

– Во пресрет ми излегоа колеги од групата Е1, а од мојата група Н и од група А не сакаа да ми помогнат. Сите се чудеа како успевме да ја поправиме преку ноќ, а по трката доаѓаа да видат како е можно со здробена кола и напукнати бандажи да се оствари добро време. Автомобилот е многу оштетен и веднаш заминувам во Полска за да го поправам – додаде Иџе.

Тој и понатаму е на водачката позиција во генералниот пласман со 100,5 бодови, пред Лос кој собра 91,5 поени. Следната трка е викендов во Полска на патеката во Лиманова.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.