full screen background image
Search

Иџе без страв од конкуренцијата и задкулисни игри се подготвува за тестот во Чешка!

Македонскиот возач во Штернберк, на домашен терен кај најголемиот ривал Јири Лос, ќе и се спротивстави на целата средноевропска автомобилска елита!

Најдобриот македонски возач Игор Стефановски – Иџе викендов во Штернберк, Чешка ќе настапи на петтата трка од Европскиот шампонат на ридски патеки. Триумфите во Франција, Австрија и Шпанија, како и неправедно одземената победа во Португалија се минато, а следните три трки ќе покажат дали популарниот Иџе има капацитет за највисоки дострели. Во Чешка го очекува најжестока конкуренција бидејќи од вкупно 200 учесници, во групата Н се пријавени 20 возачи, што е најмногу сезонава, а дури 12. од нив се со исто возило како Иџе (Mitsubishi Lancer Evo IX).

Овој месец ќе имаме трки во Чешка, Полска и во Италија, а заедничко ќе биде бројната и силна конкуренција, што е главната разлика со претходните трки во Шпанија и во Португалија. Трките на Пиринеите имаа свој предизвик, пред се поради тешките патеки, но сега имаме поинаква пречка во големиот број квалитетни возачи кои ќе настапат на овие три трки. Секоја моја грешка ќе значи лош пласман и малку освоени бодови. Морам да бидам сконцентриран и подготвен затоа што патеката, која ја учев преку видео клипови од интернет, е многу брза и релативно долга. Просечната брзина е дури 125 км на час, должината е 7.800 метри, а брзите делови имаат мазен и лизгав асфалт – изјави Стефановски.

Тој против себе ќе ја има целата елита на ридски патеки од Средна Европа затоа што учествуваат најдобрите возачи во групата Н од Чешка, Словачка, Австрија и Полска. На страна на домашните автомобилисти би можело да се најдат судиите и стјуартите, но дополнителен мотив за Стефановски ќе претставува најавената поддршка од група македонски навивачи кои живеат и работат во Чешка.

Поврзано:   Renault ќе произведува возила за Mitsubishi во Европа

„Чесите, што е нормално, секогаш се добри на домашен терен и минатите години странците тешко забележуваа добар резултат на оваа патека. Исто така, чешките судии и стујарди важат за многу строги. Се надевам дека нема да го искористат моментот што сме на нивен терен за разни задкулисни игри, но тоа ќе го видиме по завршувањето на трката. Не би требало да има такво нешто, но свесни сме за тоа и психички сме подготвени и за таква борба“ – додаде Иџе.

idze-lancer

Во Чешка ќе вози и Словакот Петер Јурена – поранешниот сопственик на возилото на Иџе и бивш европски првак. Се работи за возач со големо искуство, кој одлично ја познава патеката и неговите совети ќе бидат добредојдени за македонскиот возач.

„Со Јурена сме добри пријатели и викендов во Штернберк ќе го поминеме заедно . Тоа е добро од логистички аспект ако се потребни итни интервенции на возилото и од тактички аспект бидејќи одлично ја познава патеката, која ја возел барем десет пати, и очекувам корисна размена на искуствата на тренинзите. Сепак, се работи за трка, а тука ние возачите сме суетни. Без оглед што нему приоритет му е словачкиот шампионат, а не европското првенство, тешко дека би ми попуштил или би ми помогнал да победам“ – заврши македонскиот ас.

Во Чешка ќе се возат две трки, обете в недела, а освен за Европскиот и ЦЕЗ шампионатот, трката се бодува и за националните првенства на Чешка, Словачка и Австрија. Во генералниот пласман води Иџе со 82,5 бодови, пред Чехот Јири Лос кој досега собра 66,5 поени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.