Пред само неколку моменти Audi ги објави деталите за фејслифтот на популарното и големо купе со пет врати – кое сега добива уште повеќе технологија, но и освежени бензински и дизел мотори!
Според официјалната објава која доаѓа од Инголштад, инженерите од Audi не штеделе кога станува збор за освежениот A7 Sportback. Големото купе (кое ние веќе имавме можност да го возиме) сега има нови мотори, нови менувачи, но и нови предни и задни светла и нов мултимедијален систем.
Колку да ве потсетиме – А7 се појави во 2010-тата година, но сè уште изгледа модерно и авантгардно. Ревидираната верзија на овој автомобил сега доаѓа со уште понагласени спортски карактерни линии. Најважната промена е во предниот дел, каде сега се става новата маска на ладилникот која веќе ја знаеме од неколку други модели на брендот. Секако, тука се и новите браници, завршетоци на издувниот систем, новите светла со LED технологија кои се стандардни, но и Matrix LED светлата кои може да се добијат по нарачка.
Спортскиот стил на екстериерот е пренесен и во ентериерот. Како и досега, доминира хоризонталната линија околу возачот и совозачот, а контролната конзола оддава чувство на премиум и елеганција. Со освежениот модел ќе почнат да се нудат и нови материјали, вклучувајќи ја и комбинацијата од алуминиум и дрво, како и кожа. Купувачите ќе можат да изберат и меѓу неколку нови комбинации на бои.
Новиот А7 Sportback на почетокот ќе се нуди со вкупно пет мотори – два бензински и три дизели. Сите мотори ги задоволуваат Euro 6 стандардите за емисија на штетни гасови. Добро-познатиот 3-литарски TDI сега ќе се нуди со 272 коњски сили, но ќе има и „Ultra“ верзија со 217 коњски сили и погон на предните тркала, каде потрошувачката ќе изнесува само 4.7 литри на 100 изминати километри, како и емисија на штетни гасови од само 122 грама CO2 на изминат километар. На врвот на понудата е 4-литарскиот TFSI кој ќе се нуди во S7 Sporback и кој ќе испорачува 450 коњски сили. Овој мотор ќе се нуди со деактивација на цилиндри.
Во понудата ќе се најде и 3.0 BiTDI битурбо-дизелот кој испорачува 320 коњски сили. Овој мотор ќе се нуди во комбинација со 8-степен Tiptronic менувач, а сите други ќе добијат 7-брзински S-Tronic со двојна спојка. Верзиите со повеќе од 272 коњски сили покрај Quattro погонот на четири тркала, ќе можат да добијат и спортски диференцијал.
Освежениот A7 Sportback ќе почне да се продава кон крајот на летото. Основната цена во Германија ќе биде 51.300 евра, а А7 Sporback ќе започнува од 82.300 евра.
Audi A7 Sportback
Audi S7 Sportback