Германскиот производител Mercedes-Benz во Кина ја претстави својата визија за екстремно спортски кросовер со налегната линија на кровот.
Како што можеме да забележиме на прв поглед, Concept Coupé SUV со својата форма претставува дизајнерска студија за директен конкурент на BMW X6. Тука се и сличните димензии – должина од 4.93 метри, височина од 1.75 метри и широчина од 2.04 метри. Како и претходните концепти на Mercedes, така и неговата каросерија е обоена во бојата „Alu Beam“ во чест на тркачките автомобили на компанијата од 1930-тите и 1950-тите.
Concept Coupé SUV се одликува со мускулести форми и нагласени странични крила, големо растојание од подлогата, додека неговите големи лакови вдомуваат огромни 22-инчни тркала. Дискретните детали како малите рачки на вратите и страничните прозорци без рамка го нагласуваат купе карактерот на кросоверот.
Според Mercedes-Benz, студијата може да се пофали со супериорно управување на патот благодарение на варијабилниот систем за контрола на динамиката, кој овозможува четири различни режими на работа на трансмисијата и индивидуални прилагодувања, како и воздушната суспензија од S-Class Coupe.
Под поклопецот на Concept Coupé SUV се наоѓа 3.0-литарски би-турбо V6 бензински агрегат кој произведува 333 коњски сили при 5,500 вртежи и 480 Nm вртежен момент помеѓу 1,400 и 4,000 вртежи во минута. Тој е усогласен со девет-степен автоматски менувач, како и постојан погон на сите четири тркала.
Во моментов Mercedes-Benz вели дека Concept Coupé SUV е само студија, но според неофицијални информации неговата сериска изведба ќе пристигне при крајот на оваа година, или почетокот на 2015.