full screen background image
Search

Модерните дизели загадуваат 20% помалку од пред 10 години

Според истражување направено во Велика Британија, модерните дизел мотори загадуваат 21% помалку од пред 10 години, но и трошат 27% помалку гориво!

Society of Motor Manufacturers and Traders е организацијата во Велика Британија која го направила истражувањето и заклучоците до кои дошле се навистина интересни. Во просек, емисијата на штетни гасови во изминатите 10 години е намалена за 21 процент, и просечен дизел мотор има емисија од 128.3 грама CO2 на изминат километар – односно околу 30% помалку во однос на дизелите во 2000-та година. Во споредба, бензински турбо-мотор со зафатнина од 1.6 литри има емисија од околу 180 грама CO2 на изминат километар.

alfa-romeo-156

Според претседателот на Bosch UK – Питер Фукет – денешните возачи уживаат во многу почисти дизел возила во однос на оние пред десет години. Според него, една од најважните иновации кај дизелските мотори е воведувањето на турбополначот во моделите од 80-тите години. Следниот важен чекор напред беше воведувањето на Common Rail технологијата на Bosch која за прв пат се појави кај Alfa Romeo 156 2.4 JTD во сега веќе далечната 1997-ма година. Според Bosch, понатамошното развивање на оваа технологија придонела за дополнително намалување на емисијата на штетни гасови за 15-20%.

Друга иновација на Bosch која придонесе за намалување на штетните гасови е Start-Stop системот кој е сè почест во модерните автомобили – овој систем придонесува за дополнително намалување на штетните гасови од 8 проценти. Понатаму, Bosch ќе вложува во развивање на дизелските мотори, како и дизел-хибридите кои ветуваат навистина многу. Колку за пример – Peugeot 3008 HYbrid4 е опремен со хибриден дизелски погон и има емисија на штетни гасови од само 99 грама CO2 на изминат километар!

peugeot-3008-hybrid4

Bosch верува дека токму хибридните дизели ќе придонесат за дополнително намалување на потрошувачката на дизел автомобили за дополнителни 40% и дека ќе им помогнат на производителите да ја постигнат Европските цели за емисија на штетни гасови за 2020-та година кои налагаат дека до таа година емисијата на штетни гасови кај новите возила треба да изнесува највеќе 95 грама CO2 на изминат километар.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.