Jeep го претстави најмалиот член на својата фамилија – малиот Renegade! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jeep го претстави најмалиот член на својата фамилија – малиот Renegade!

Американскиот бренд сака да ја зголеми својата продажба во Европа, а еден од начините да го направи токму тоа е да претстави мал, урбан теренец кој ќе изгледа подеднакво добро како на асфалтот, така и надвор од него.

Добро, Jeep Renegade ја дели својата основа со Fiat 500L и новиот Fiat 500X – но тоа не е критика. Платформата ќе му дозволи на Jeep да понуди интересен теренец привлечен за Европските купувачи без притоа да потроши (пре)многу пари за да го развие.

Од друга страна, Fiat навистина добро знае да направи кул мали возила (Fiat 500 и Fiat Panda, гледаме кон вас), па експертизата е повеќе од добредојдена. Интересно е што и двата брендови го носат најдоброто што го знаат – од Jeep доаѓа способноста за справување со нерамен терен и „недостаток“ на асфалт. Trailhawk моделот доаѓа со дополнително повисока суспензија за 20 милиметри, систем за одбирање на теренот по кој се движи возилото, 17-инчни гуми подготвени за справување со секаков терен, како и пластичен бодикит кој му дозволува на Renegade малку поекстремни агли за пристапување кон теренот.

jeep-renegade-side

Европските купувачи ќе имаат и поголем избор кога станува збор за моторите во однос на Американските купувачи. Неколку бензински и два дизел мотори ќе се вградуваат во Renegade – Два 1.4-литарски бензинци, едниот со 140, другиот со 170 коњски сили, а ќе може да се добие и 2.4-литарскиот Tigershark бензинец со 184 коњски сили. Доколку одлучите вашиот Renegade да го нарачате со дизел мотор ќе можете да одберете помеѓу два помали турбодизели со зафатнина од 1.6 литри и моќност од 110 или 120 коњски сили, како и поголем 2-литарски турбодизел со моќност од 140 коњски сили.

jeep-renegade-rear

Jeep ќе нуди две опции за погонот на сите четири тркала. Едната опција може да префрли 100% од вртежниот момент кон било која оска кога е потребен, додека другиот систем кој се нарекува Active Drive Low и ќе се вградува стандардно во Trailhawk моделите ќе нуди редуктор со однос 20:1 во првата брзина на пренос, и ќе нуди и систем за симнување по надолнини и специјални системи за возење по снег, кал, спортско возење, како и специјален Rock 4×4 систем.

Поврзано:  Jeep го најавува новиот Compass

jeep-renegade-interior

Цените сè уште не се познати, но знаеме дека ова ќе биде прв модел на Jeep кој ќе се произведува надвор од Соединетите Американски Држави. Моделот ќе се произведува покрај Fiat 500X во фабриката на Fiat во Мелфи, Италија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.