Јапонскиот производител наоѓа нова младост, а токму Hazumi концептот со кој ја најавува следната генерација на Mazda 2 е одличен пример за свежите идеи кои брендот ги има!
По новите Mazda 3, Mazda 6 и Mazda CX-5, на ред дојде новата генерација на урбаната Mazda 2! Концептот е изграден во духот на KODO дизајн филозофијата на брендот и покрај тоа што наликува и потсетува на своите поголеми браќа и сестри, сепак малиот градски автомобил изгледа привлечно и модерно.
Добро, ова е вистински концепт – само погледнете го ентериерот и ќе ви биде јасно – но знаејќи ги луѓето во Mazda можеме со сигурност да претпоставиме дека концептот е навистина блиску до серискиот модел. Елиминирајте го футуристичкиот ентериер, одземете некои од деталите на екстериерот и поставете го автомобилот на тркала со нормална големина (концептот е поставен на прилично големи фелни) и ќе го добиете серискиот модел.
Концептот е придвижуван од 1.5-литарски SKYACTIV-D турбодизел поврзан со автоматски менувач со шест степени на пренос. Моторот ги задоволува EURO 6 стандардите за екологија и има емисија на штетни гасови пониска од 90 грама CO2 на изминат километар. Импресивно за еден концепт, нели?