full screen background image
Search

Премиера: Mercedes-Benz S-Class Coupé – Ултимативното плутократско спортско купе!

Mercedes-Benz ја тргна покривката од нивното uber-купе – кое ќе ја носи ознаката S500 Coupé и ќе нуди 455 коњски сили од својот 4.7-литарски битурбо V8!

Навистина би можеле да зборуваме многу за купе-верзијата на знаменосецот на Mercedes-Benz, но да започнеме од најважното – под поклопецот на моторот се крие битурбо V8 бензинец со зафатнина од 4663 кубни сантиметри, кој испорачува одлични 455 коњски сили, но и монументални 700 Nm вртежен момент! Немаме информации за перформансите, но сигурни сме дека од нив ќе застанува здивот.

Mercedes-Benz S 500 4MATIC Coupé Edition 1 (C 217) 2013

Она за кое веќе знаеме се новите системи на Mercedes-Benz, меѓу кои посебно го издвојуваме Magic Body Control системот со Active Curve Tilting технологија – која на автомобилот му овозможува „навалување“ во свиоците како на возач на спортски моторцикл – систем кој го намалува латералното забрзување на патниците и на патишта со многу свиоци го зголемува комфорот и уживањето како на возачот, така и на патниците.

Mercedes-Benz S 500 4MATIC Coupé Edition 1 (C 217) 2013

Дополнително, оние што сакаат навистина да се издвојат со своето мега-купе кое сигурно ќе чини стотици илјади евра, ќе можат да нарачаат и предни светлосни групи во кои има по 47 Swarovski кристали. Од овие кристали, 17 ги формираат дневните светла (DRL), додека по 30 се задолжени за трепкачите.

Mercedes-Benz S 500 4MATIC Coupé Edition 1 (C 217) 2013

Секако, и на ентериерот е посветено многу внимание, и како што и можеме да очекуваме од еден Mercedes-Benz, користени се само најдобрите и најквалитетни материјали. Mercedes-Benz го истакнува контролниот систем со панел осетлив на допир вграден во централниот наслонувач за рацете, кој функционира на истиот начин како и паметен телефон, и му дозволува на возачот да управува со сите системи во автомобилот на практичен и лесен начин. Ќе се нуди и Heads-Up дисплеј кој ќе проектира информации директно на ветробранското стакло, за возачот да не мора да го одтргнува погледот од патот пред него – со што би се зголемила безбедноста при возењето.

Поврзано:   Mercedes-AMG GLA и CLA 35 пристигнаа во Македонија!

Цена? Не знаеме, но ако морате да прашате, сигурно не можете да си го дозволите. Тоа е и дел од убавината на еден ваков автомобил, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.