Volvo се враќа во профитабилност, го претстави Concept XC Coupe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volvo се враќа во профитабилност, го претстави Concept XC Coupe

Шведскиот производител со Кинески сопственици објави дека во минатата година остварил профит, но и дека се подготвува за нови модели со кои ќе освојува нови купувачи!

Блиската историја на Volvo е навистина интересна – Volvo не „цветаше“ додека беше дел од Premier Automotive Group (PAG) на Ford, но откако има нови газди – Кинеските Geely – брендот повторно го откри својот елан и започна да нуди нови и интересни модели.

Добра вест е објавата која ја направи претседателот на одборот на Volvo – Hakan Samuelsson – дека Volvo во 2013-тата година остварил профит на крајот на годината! Samuelsson е човекот на кому му се припишува овој успех, кој всушност е базиран на реструктурирањето на брендот во Кина, како и намалувањето на трошоците. Истовремено, продажбата на Volvo во Кина се зголеми за 46 проценти минатата година и продадени се вкупно 61.146 возила.

volvo-xc-coupe-concept-rear

Ова е одличен напредок за брендот, но истовремено веќе јавно се зборува за внатрешните несогласувања меѓу челниците на Volvo и нивните претпоставени од Geely за тоа во која насока треба да се движи брендот. Луѓето од Volvo сакаат да ја задржат постоечката насока на брендот, но газдите од Geely сакаат Volvo да го напушти својот трезен имиџ и да се ре-позиционира на пазарот и да стане вистински конкурент на Audi, BMW и Mercedes.

Според Li Shufu, претседателот на Geely, токму Кина може да биде клучна за иднината на Volvo каде во 2012-тата година се продадени 1.2 милиони премиум возила. Благодарение на овој пазар, Volvo би можел да ја оствари својата цел од 800.000 продадени возила годишно.

Поврзано:  Volvo EX90 ќе биде првиот автомобил кој ќе добие пасош

volvo-xc-coupe-concept-front

Сепак, Hakan Samuelsson од Volvo не е на иста линија со својот шеф – според него, би било срамно да се изгуби имиџот и клиентите кои се градени и придобивани со години благодарение на фокусот кон безбедноста и Скандинавската рационалност, само со цел да се нападнат Германските премиум брендови.

Во меѓувреме, во Детроит Volvo го претстави XC Coupe концептот кој е најава за следната генерација на нивниот популарен SUV модел – XC90. Концептот изгледа интересно и модерно, и ние навистина се надеваме дека нема да претрпи (пре)многу измени до сериската варијанта.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.