full screen background image
Search

Концептот Toyota FT-1 блесна во Детроит!

Toyota во Детроит го изложи новиот фасцинантен FT-1 концепт кој ќе ја прикаже идната, емотивна дизајнерска насока на компанијата.

FT-1 е создаден во одделот за дизајн на Toyota во Калифорнија и претставува визија за нов спортски автомобил, инспириран од легендарните 2000GT, Supra и Celica, a ние претпоставуваме дека е предвесник на изгледот на новата Supra. Моделот има класични пропорции на спортски автомобил, а неговата каросерија изгледа како да ја обликувале силите од ветровите кои делувале врз неа додека се движел по патиштата со огромна брзина.

Toyota-FT-1-1

На агресивниот преден дел доминираат големи отвори за воздух, тенки предни светлосни групи со LED технологија и клун налик на болид од Формула 1. Задниот дел е подеднакво спремен за напад, а највпечатливи дизајнерски елементи се флуидните задни светла кои се слеваат со страничните отвори за вентилација, двете големи издувни цевки, огромниот заден дифузер и електронскиот спојлер кој се интегрира во каросеријата.

Ентериерот на FT-1 е уреден во футуристички стил со две спортски седишта од метална конструкција со меки површини само на допирните точки, волан инспириран од Формула 1 и високо поставен дисплеј. Главните информации за автомобилот се покажуваат на транспарентен екран кој ја заменува традиционалната инструмент табла, со што е зголемен фокусот кон патот за поголемо возачко уживање.

Toyota-FT-1-56

Концептот е замислен да биде погонуван од бензински агрегат монтиран надолжно позади предната оска и поврзан со трансмисија која ја пренесува силата кон задните тркала, но не се откриени попрецизни информации.

И покрај тоа што е многу веројатно дека FT-1 нема да излезе во сериско производство, неговиот дизајн ќе влијае на претстојните модели на Toyota вклучувајќи го и спортскиот модел кој се развива во соработка со BMW. Ентузијастите кои сакаат да го испробаат најновиот концепт на Toyota ќе можат да го направат тоа виртуелно во Gran Turismo 6.

Поврзано:   Во салонот на Toyota пристигна Yaris Cross



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.