Најпознатиот тјунер на моделите на Honda, Mugen, претстави два пакети за стилизирање на новиот Vezel кросовер на автомобилскиот саем во Токио, кој започна овој петок.
Првиот од нив веќе се произведува и опфаќа нова предна решетка, сплитер, странични прагови, заден додаток на браникот и кровен спојлер. Може да се добие со повеќе различни дизајни на 18-инчни фелни, а Mugen нуди и спортски издувен систем со две цевки, пониска суспензија, посилни сопирачки и карбонски детали за во ентериерот.
Вториот е значително поагресивно дизајниран и е моментално претставен само како концепт. Тој содржи пошироки додатоци на страничните крила во контрастна боја, со цел да се направи место за поголемите 20-инчни фелни и пневматици. Тука е и поголем преден сплитер, предна решетка со отвори во вид на саќе, нов заден дифузер со поинакви издувни цевки и поголем заден спојлер.