full screen background image
Search

Официјално: Lamborghini Huracán LP610-4 – 610 коњски сили, 3.2 секунди, 325 километри на час!

Новиот Huracan е наследник на сега веќе заминатиот Gallardo –  и токму Huracan ќе се бори да го повтори успехот на својот претходник. Официјалните бројки ветуваат многу!

Да започнеме од името. Huracán всушност значи Ураган (тешко за погодување, нели?) и е име на бик борец од шпанската Conte de la Patilla раса и се борел во Август 1879-тата година во Alicante, каде и го заслужил своето место во историјата на храбри и непобедливи борбени бикови.

Новиот Huracán нам ни наликува како намалена верзија на Aventador, што воопшто не е критика. Забележливи се и „наследените“ линии од Gallardo чиј дух и традиција го продолжува новиот модел. Предните светла се изработени со LED технологија и ако сме навистина искрени – од било кој агол Huracán не може да биде ништо друго освен Lamborghini.

lamborghini-huracan-interior

Ентериерот е модерен и спортски. Во него доминира главниот 12.3-инчен TFT дисплеј кој му ги пренесува сите информации на возачот. Како и секогаш, најквалитетните материјали се користени за изработката на ентериерот, како што се Nappa кожа и алкантара.

Да зборуваме и за механиката која го придвижува 1422 килограми тешкиот Huracán. Позади седиштата се крие 5.2-литарски V10 бензинец кој испорачува 610 коњски сили на стратосферски 8250 вртежи и максимални 560 Nm вртежен момент на 6000 вртежи во  минута. Новото IDS (Iniezione Diretta Stratificata) систем комбинира директно и индиректно вбризгување на гориво, што резултира со зголемена моќност и намалена потрошувачка, ако веќе воопшто треба да зборуваме за потрошувачката.

lamborghini-huracan-rearside

Перформансите се импресивни – 100 километри на час пристигнуваат за 3.2 секунди а максималната брзина е „над 325 километри на час“, додека 200 километри на час се постигнуваат за 9.9 секунди. Благодарение на Start & Stop системот, потрошувачката изнесува 12.9 литри на 100 километри, а Lamborghini Huracán има емисија од 290 грама CO2 на изминат километар.

Поврзано:   Lamborghini најавува нов Countach!

Моќта од моторот се пренесува кон сите четири тркала преку 7-степен менувач со двојна спојка кој Lamborghini го нарекува „Lamborghini Doppia Frizione“. Возачот може да избере меѓу три различни режими на работа – Strada, Sport и Corsa. Стандардно Huracán доаѓа со карбон-керамички дискови за системот за кочење. Производстовото ќе започне наскоро во фабриката на Lamborghini во Sant’Agata Bolognese во Италија, а првите автомобили ќе бидат испорачани на купувачите на почетокот на пролетта следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.