Бугарските експерти за ентериери решија да направат уникатен автомобил по сопствените желби – а резултат на тоа е Vilner Bullshark, автомобилот кој во најмала рака е несекојдневен.
Иако лесно ја препознаваме формата на минатата генерација на Серијата 6 на BMW, сепак дизајнерите на Vilner го преработиле скоро целиот автомобил – единствено кровот и вратите се останати непроменети. Се обидуваме да препознаеме од каде се преземени некои детали, но едноставно не можеме. Единствено фаровите изгледаат како да се „позајмени“ од Infiniti FX.
Сепак, највеќе внимание му е посветено на ентериерот – токму она за што луѓето од Vilner се вистински експерти. Ентериерот е целосно преработен и обложен со најквалитетните материјали – а огромен дел од тоа е кожа со врвен квалитет. Сопственикот дури ќе добие и уникатно дизајнирана и изработена патна торба!
За подобрување на перформансите е задолжена софтверската надоградба од AC Schnitzer благодарение на која овој несекојдневен автомобил сега има 365 коњски сили и 522 Nm вртежен момент.