Примерок на монструозната ограничена серија на А45 AMG која ја носи ознаката Edition 1 веќе пристигна во Македонија, а ние имавме ексклузивен пристап до ова несекојдневно издание на Mercedes-Benz!
Овој несекојдневен примерок може да се пофали со најмоќниот сериски четири-цилиндерски турбо мотор – од зафатнина од само 2.0 литри, експертите од Affalterbach успеале да извлечат дури 360 коњски сили! Наменет за вистинските ентузијасти и оние кои без компромис сакаат да го добијат најдобриот спортски компакт, A45 AMG Edition 1 може да се пофали со забрзување до 100 километри на час за 4.6 секунди, и максимална брзина која е ограничена на 250 километри на час!
Покрај максималните 360 коњски сили, моторот испорачува и импресивни 450 Nm вртежен момент кои гарантираат еластичност и моќно повлекување во скоро секој режим на работа. Истовремено, од Mercedes-Benz тврдат дека A45 AMG Edition 1 се задоволува со само 7.1 литри гориво на 100 изминати километри – ако го возите воздржано, секако.
Во внатрешноста преовладуваат спортските детали и црвените акценти и опшивки. Управувачот е совршено димензиониран и обвиен во спортски материјали кои ја зголемуваат контролата и довербата во автомобилот, а седиштата се совршено обликувани за да му пружат максимална поддршка на возачот во сите услови. А45 AMG Edition 1 се издвојува и по дополнителните спортски детали на надворешноста, како и уникатно-дизајнираните декоративни налепници кои го истакнуваат спортскиот карактер.
Kако и секој AMG модел, така и за А45 AMG Edition 1 моторот е рачно изработен од инженерите во Affalterbach. Ова е навистина несекојдневен автомобил, а ние сме среќни што можевме одблиску да го видиме, но и што еден ваков уникатен примерок ќе биде забележан и на нашите улици!