Porsche ги претстави новите Panamera Turbo S и Executive – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche ги претстави новите Panamera Turbo S и Executive

За оние кои сакаат да ја имаат најбрзата верзија на Panamera, тука е Turbo S, а за оние на кои им е потребно малку повеќе простор, Porsche сега ја нуди Executive изведбата.

Новата Panamera Turbo S има 20 коњски сили повеќе од досегашниот пред-фејслифт модел, а со тоа има 50 коњски сили повеќе од „обичната“ Panamera Turbo. Тоа значи дека Panamera Turbo S испорачува 570 коњски сили – а преведено во перформанси тоа значи 100 километри на час за 3.8 секунди и максимална брзина од (земете воздух) 309 километри на час. Доработениот 4.8-литарски V8 мотор покрај дополнителните 20 коњски сили, сега испорачува уште дополнителни 50 Nm вртежен момент, за вкупно 750 Nm, a инженерите на Porsche тврдат дека е 11% поефикасен од досега.

За оние кои сакаат уште малку простор и комфор, Porsche ќе ја нуди Panamera Turbo S и во Executive изведба, која благодарение на 15 сантиметри подолгото меѓуоскино растојание нуди повеќе простор во внатрешноста, како и дополнителна изолација и глазура на стаклата кои резултираат со намалена бучност.

Но пред да истрчате кон најблискиот дилер на Porsche, имајте во предвид дека за Panamera Turbo S ќе треба да издвоите 180.024 евра, додека за продолжената Executive изведба ќе треба да изброите 197.041 евро. Ситница.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.