Formula 1 – ГН Италија: По Спа, Фетел доминантен и на Монца! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Formula 1 – ГН Италија: По Спа, Фетел доминантен и на Монца!

Возачот на Red Bull, германецот Себастијан Фетел, со победа на легендарната Монца граби напред кон титулата.

На сличен начин како и пред две седмици во Белгија, така и сега во Италија, Фетел покажа дека е најблиску до титулата. Иако има уште седум трки до крајот на сезоната, германецот заедно со својот тим Red Bull демонстрираа дека планираат и оваа година трофеите да ги задржат во своите витрини.

Главниот конкурент на Фетел за титулата, возачот на Ferrari, Фернандо Алонсо кој стартуваше од 5-та позиција, успеа по само неколку круга да се пробие на 2-та позиција, но во ниту еден момент од трката не успеа ни да се доближи до инзвонредниот германец, со што му дозволи уште повеќе да ја зголеми предноста во генералниот поредок. Третото место на подиумот му припадна на вториот возач на Red Bull, Марк Вебер, кој успеа со оштетено предно крило да ја извози речиси цела трка и притоа на неколку наврати се обиде да ја загрози 2-та позиција на Алонсо.

За жал, по оваа трка во игра за титулата останаа само двајца возачи бидејќи Луис Хамилтон од Mercedes и Кими Раиконен од Lotus по разочарувачките кфаликации во саботата, немаа среќа ниту на трката. Предното крило на финецот настрада на првата кривина веднаш по стартот, па мораше принудно да ги посети механичарите уште во првиот круг, додека тврдите пневматици на Хамилтон со кои стартуваше не издржаа многу, па и тој мораше многу брзо да ги промени, со што имаше 1 влегување повеќе во боксот од конкурентите. На крајот Хамилтон успеа да стигне до 2 поени, пласирајќи се на 9-та позиција, а Раиконен по откажувањето во Белгија повторно остана без бодови, завршувајќи на 11-то место.

Дали монотоноста на оваа трка е некаков предзнак дека почнува да се нарушува неизвеснота во шампионатот околу борбата за титулата, останува да видиме во следните неколку трки кои што ќе се возат на азискиот континент, трки кои што му одговараат на тимот на Red Bull кој во последната третина од сезоната влегува со огромна предност пред своите конкуренти, а Себастијан Фетел има комотно водство од 53 поени пред Фернандо Алонсо, кој заедно со својот тим ќе треба да вложат огромни напори за да ја прекинат доминацијата на Red Bull.

Подготви: Игор Андоноски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.