Официјално претставен обновениот Skoda Yeti – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално претставен обновениот Skoda Yeti

Чешкиот бренд го подмлади кросоверот Yeti и го подели на две посебни верзии кои се нарекуваат ‘City’ и ‘Outdoor’.

Третманот за подмладување на Yeti опфаќа нова решетка и заострени предни светла со опционален би-ксенон и LED дневни светла, како и задни светла со LED технологија и изменета задна врата. Благодарение на ова, моделот сега изгледа поелегантно и помодерно од претходно.

За подобро задоволување на вкусот, на купувачите ќе им биде понуден избор помеѓу две верзии: ‘City’ ќе се одликува со браници, прагови и лајсни во боја на каросерија, додека кај ‘Outdoor’ верзијата истите елементи ќе бидат од црна пластика.

Image converted using ifftoany

Понуден e и избор од четири нови бои на каросеријата, алуминиумски фелни во повеќе нови дизајни, нов волан, како и нови материјали во внатрешноста. Тука се и систем за автоматско паралелно паркирање и камера со поглед позади автомобилот.

Четирите дизелски и трите бензински агрегати остануваат неизменети, но за прв пат посилниот 2.0-литарски TDI со 170 кс ќе може да се добие со погон на сите тркала и шест-степен автоматски менувач со двојна спојка, додека основниот 1.6-литарски TDI со 105 кс ќе може да се добие со седум-степен автоматски менувач, исто така со двојна спојка.

Обновениот Yeti ќе започне со продажба во почетокот на наредната година, а неговото јавно дебитирање ќе се одржи наредниот месец на автомобилскиот саем во Франкфурт.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.