Пилотот на Mercedes, германецот Нико Розберг ја забележа втората победа оваа сезона во последните 3 трки.
По многу возбудувања и интересни и непредвидени случувања, Нико Розберг успеа да стигне до третата победа во својата кариера. Иако на стартот ја загуби позицијата од Себастијан Фетел, тој сепак успеа да држи чекор со водечките и да ги искористи проблемите на својот тимски колега, Луис Хамилтон на кој му експлодираше пневматикот додека беше во водство и Себастијан Фетел чиј менувач не издржа и на 10ина круга пред крајот мораше да го запре својот болид.
Одлична трка имаше австралиецот Марк Вебер, кој по очајниот старт со добра стратегија и возење успеа да заврши на втората позиција, а подиумот го заокружи Фернандо Алонсо од Ferrari. Како најголем губитник на крајот искочи возачот на Lotus, Кими Раиконен бидејќи по откажувањето на Фетел, на патеката излезе безбедносното возило и неговите конкуренти ги посетија механичарите за свежи пневматици, а финецот се одлучи да ризикува и успеа да ја изгуби втората позиција и со тоа битно да ја намали разликата во генералниот пласман во однос на Фетел и Алонсо.
Најголем виновник за возбудувањата на денешната трка е прозводителот на пневматици, Пирели. Можеби за гледачите се интересни таквите непредвидени моменти во трката, меѓутоа возачите и тимовите премногу губат. Поради ексползија на задниот десен пневматик, трката за Луис Хамилтон, Фелипе Маса, Серхио Перез и Жан Ерик Верње беше потполно уништена, бидејќи Луис Хамилтон видно мотивиран, јуришаше кон победа за на крајот да се задоволи со 4то место, а Фелипе Маса по фантастичниот старт и низата пехови што ги имаше на минатите трки беше во многу поволна позиција за искачување на подиумот. Од друга страна, Верње и Перез беа принудени предвреме да го завршат својот настап.
Веќе следниот викенд нè очекуваат нови возбудувања, бидејќи на програмата е трката за големата награда на Германија, која што ќе се вози на легендарната патека Нирбургринг.
Резултати од трката за ГН на Велика Британија:
1. N.Rosberg Mercedes 2. M.Webber RBR-Renault 3. F.Alonso Ferrari 4. L.Hamilton Mercedes 5. K.Raikkonen Lotus 6. F.Massa Ferrari 7. A.Sutil Force India 8. D.Ricciardo STR-Ferrari 9. P.di Resta Force India 10. N.Hulkenberg Sauber 11. P.Maldonado Williams 12. V.Bottas Williams 13. J.Button McLaren 14. E.Gutierrez Sauber 15. C.Pic Caterham 16. J.Bianchi Marussia 17. M.Chilton Marussia 18. G.van der Garde Caterham Окт. R.Grosjean Lotus Отк. S.Perez McLaren Отк. S.Vettel RBR-Renault Отк. J.Vergne STR-Ferrari
Генерален пласман – возачи:
1. S.Vettel 132 2. F.Alonso 111 3. K.Raikkonen 98
Генерален пласман – конструктори:
1. RBR-Renault 219 2. Mercedes 171 3. Ferrari 168
Подготви: Игор Андоноски