BMW ја претстави новата, трета генерација на теренецот X5! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW ја претстави новата, трета генерација на теренецот X5!

Третата генерација на BMW X5 ја следи тековната дизајнерска насока на Баварскиот производител, а како и секогаш, ќе се нуди со цела лепеза бензински и дизел мотори.

Новиот BMW X5 ја носи интерната ознака F15, и е 29 милиметри подолг, 5 милиметри поширок и 15 милиметри понизок од тековниот модел. Тоа значи дека новиот X5 е долг 4886 милиметри, широк 1983 милиметри а висок 1762 милиметри. Меѓуоскиното растојание останува исто – 2933 милиметри. Но покрај зголемените димензии, BMW најавува дека новиот X5 е и до 90 килограми полесен соодветно опремена варијанта на тековниот модел. Намалувањето на тежината носи низа предности – како што се подобрени перформанси, намалена потрошувачка и подобра агилност – но бидејќи моменталниот X5 тежи околу 2.25 тони, разликата можеби и нема да биде толку забележлива.

2014-bmw-x5-side

Она што ќе ги интересира купувачите се моторите – а европските купувачи ќе можат да бидаат помеѓу xDrive30d кој ќе носи освежен 6-цилиндерски дизел кој испорачува 255 коњски сили, xDrive50i кој ќе се нуди со 4.4-литарски V8 бензински агрегат и 444 коњски сили, но и M50d M Performance со tri-turbo 6-цилиндерски дизелски агрегат кој ќе нуди 376 коњски сили и забрзување до 100 километри на час за само 5.3 секунди. Сите модели ќе се нудат со погон на сите четири тркала и 8-степен автоматски менувач.

На крајот на годината во понудата ќе се појават и дизелските xDrive40d, xDrive25d и за прв пат, модел со погон само на задните тркала кој ќе ја носи ознаката sDrive25d. Покрај нив, ќе се нуди и xDrive35i бензинецот.

За практичноста нема потреба да зборуваме – од една страна, ова е голем теренец кој и покрај големиот габарит, секогаш се снаоѓал добро во градски услови, а тука е и импресивно големиот багажен простор од 650 литри со исправени задни седишта, односно 1870 литри со спуштени. Во внатрешноста, патниците ќе уживаат во прекрасно изработениот ентериер кој ги користи само најквалитетните материјали, но и големиот 10.2-инчен LCD дисплеј.

Поврзано:  За прв пат, BMW во Европа продаде повеќе електрични возила од Tesla


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.