Пилотот на Мерцедес – Нико Розберг – ќе стартува од пол позицијата на утрешната трка која ќе се вози низ улиците на Монте Карло. Ова е трета последователна пол-позиција за германскиот возач!
Тимот на Мерцедес уште еднаш покажа дека се најбрзи на квалификациите. Исто како и пред 2 недели во Шпанија, така и сега нивните возачи ќе стартуваат од првиот ред. Веднаш зад Нико Розберг и Луис Хамилтон се најде двоецот на Red Bull, Себастијан Фетел и Марк Вебер кои ќе стартуваат од 3-та односно 4-та позиција. Главните конкуренти на Себастијан Фетел за титулата, Кими Раиконен и Фернандо Алонсо ќе стартуваат од 3-от ред.
Иако дождот беше присутен во првите две квалификациски сесии, сепак на самиот крај од втората сесија тој престана и условите на патеката се нормализираа. Најголем бенефит од дождот извлече возачот на Caterham, Гвидо ван дер Гарде кој што успеа да постигне историски резултат за својата екипа со својот пласман во втората квалификациска сесија со што утрешната трка ќе ја започне од 15-та позиција. На квалификациите воопшто не се појави Фелипе Маса, кој имаше инцидент на последниот тренинг, одржан 2 часа пред квалификациите и утрешната трка најверојатно ќе ја започне од боксот.
Сличен инцидент имаше и пилотот на Lotus, Роман Грожан, но неговиот болид беше оспособен за квалификациите. Останатите фаворити немаа поголеми проблеми за пласман во финалната квалификациска сесија и очекувано се пласираа меѓу првите 10.
Утре не очекува трка каде што тактиката на тимовите ќе игра најголема улога, пред се поради тоа што патеката е претесна за престигнување. Mercedes покажа дека има многу лошо темпо за време на трката, но со оглед на конструкцијата на патеката и стартот од првиот ред имаат голема шанса да стигнат до својата прва победа оваа сезона.
Стартен редослед:
1. Nico Rosberg Mercedes
2. Lewis Hamilton Mercedes
3. Sebastian Vettel RBR-Renault
4. Mark Webber RBR-Renault
5. Kimi Räikkönen Lotus-Renault
6. Fernando Alonso Ferrari
7. Sergio Perez McLaren-Mercedes
8. Adrian Sutil Force India-Mercedes
9. Jenson Button McLaren-Mercedes
10. Jean-Eric Vergne STR-Ferrari
11. Nico Hulkenberg Sauber-Ferrari
12. Daniel Ricciardo STR-Ferrari
13. Romain Grosjean Lotus-Renault
14. Valtteri Bottas Williams-Renault
15. Giedo Garde Caterham-Renault
16. Pastor Maldonado Williams-Renault
17. Paul di Resta Force India-Mercedes
18. Charles Pic Caterham-Renault
19. Esteban Gutierrez Sauber-Ferrari
20. Max Chilton Marussia-Cosworth
21. Jules Bianchi Marussia-Cosworth
22. Felipe Massa Ferrari
Подготви: Игор Андоноски