full screen background image
Search

Seat Leon Cup Racer со 330кс доаѓа на Wörthersee 2013

Шпанската дивизија од Volkswagen групацијата ќе настапи на овонеделниот Wörthersee настан со тркачка изведба од новиот Leon, наменета за сезоната 2014.

Моделот е базиран на пет-вратната варијанта и е наречен Leon Cup Racer. Неговата целосно изменета каросерија е обоена во мат сива боја со портокалови детали. Автомобилот има за 400 mm пошироки трагови на тркалата од серискиот модел и вози на 18-инчни фелни во истата боја.

Масивниот бодикит е извајан според аеродинамичка и функционална ефикасност, со тоа што моторот и системот за сопирање добиваат максимален проток на воздух. Новите странични прагови, заедно со предниот спојлер, задниот дифузер, кровниот спојлер и рамниот под придонесуваат за огромна потисна сила во брзи свиоци.

Единствените елементи преземени од серискиот Leon се целосните LED предни и задни светла, како и контурата на покривот. Ентериерот е целосно соголен за да се намали тежината, а додадени се заштитен кафез, седишта во форма на кади со HANS безбедносен систем, TFT дисплеј и мултифункционален тркачки волан.

Неговото срце е 2.0-литарски четири-цилиндарски агрегат со турбополнач, кој успева да произведе 330 кс и 350 Nm вртежен момент. Силата се испорачува кон предните тркала преку шест-степен DSG менувач и електронски диференцијал. Leon Cup Racer може да се добие и опремен со секвенцијална тркачка трансмисија со централно монтирана палка за менување на брзини и механички диференцијал.

Seat Leon Cup Racer има почетна цена од 70,000 евра, додека поекстремната верзија чини 95,000 евра. Автомобилот е способен за учество во првенствата од ETCC до VLN купот за издржливост на Нирбуринг. Идната WTCC верзија со 1.6-литарски агрегат исто така ќе биде базирана на овој модел.

Поврзано:   SEAT го прослави својот 70-ти Роденден!


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.