Панорама: Seat Leon SC – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Панорама: Seat Leon SC

Тровратната изведба на новиот Leon покрај спортскиот дизајн, ветува и спортски возачки карактеристики, огромна доза Шпански шарм и огромни насмевки. Дали е ова моделот кој уште повеќе ќе го приближи Leon до младите?

Реченицата со која би започнале да го опишуваме новиот SC ги содржи зборовите спортски, стил и шарм. Токму тие зборови се оние кои би требало први да ни текнат кога ќе помислиме на овој модел – и има зошто е тоа така. MQB платформата на Volkswagen групацијата, врз која е изграден новиот Leon ветува многу – намалената тежина е најважната придобивка, но сите нови технички решенија и новите мотори се всушност оние детали кои ја формираат целосната слика за Leon.

Океј, Leon секогаш бил спортскиот Хајд во однос на мирниот и опуштен Џекил, кој во оваа споредба е Volkswagen Golf. Поцврстата суспензија и спортски-ориентираната шасија секогаш биле главните епитети на Leon, па ни овој пат оние со спортски дух нема да бидат разочарани.

Leon SC е долг 4.23 метри, со меѓуоскино растојание пократко за 35 милиметри од она кај моделот со 5 врати, и според луѓето од Seat, е вистинска дизајнерска икона додека истовремено ја продлжува линијата модели на Leon.

„Му дадовме на Leon SC со три врати високо препознатлив карактер, но само бришењето на две врати немаше да биде доволно за нас. Затоа избравме пократко меѓуосовинско растојание – иако се работи за само 35 милиметри, визуелниот ефект е многу моќен. Резултатот е голема разлика во изразувањето на динамиката“ рече Alejandro Mesonero – Romanos, Раководител на Дизајн на SEAT. „Дизајнерскиот јазик на SEAT беше усовршен во новиот Leon. Тоа е најочигледно во карактеристичните линии – тоа е автомобил со карактер.“

Но она што највеќе ги интересира ентузијастите се моторите – а токму тука Leon ја ужива целосната поддршка од својот бренд. Понудени се цела лепеза мотори и сигурни сме дека ќе се пронајде вистинскиот избор за секој купувач. Како што и очекувавме, се нудат како дизелски, така и бензински мотори. Кај дизелите приказната започнува со 1.6 литарскиот TDI мотор со 90 коњски сили и 230 Nm вртежен момент. Опремен со овој мотор, Leon троши само 4.1 литри гориво на 100 изминати километри. Едно скалило погоре е 1.6 TDI со 105 коњски сили и 250 Nm. За оние кои посакуваат спортски перформанси и дизелска штедливост, тука е и 2.0 TDI со 150 односно 184 коњски сили и 320 односно 380 Nm вртежен момент! Најмоќниот дизел нуди забрзување до 100 километри на час за 7.5 секунди и максимална брзина од 228 километри на час – сето тоа искомбинирано со просечна потрошувачка од 4.3 литри на 100 изминати километри.

За љубителите на бензинските мотори, во понудата се наоѓаат добро-познатите TSI агрегати на Volkswagen групацијата. На најниското скалило е 1.2 TSI со 86 коњски сили и 160 Nm кој троши ниски 5.2 литри на 100 километри. Над него 1.2 TSI со 105 коњски сили и 175 Nm. Едно скалило погоре е 1.4 TSI со 122 коњски сили и 200 Nm, а над него се наоѓа 1.4 TSI со 140 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. На врвот е 1.8 TSI со 180 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Најмоќниот бензинец нуди забрзување до 100 километри на час за само 7.2 секунди, максималната брзина е 224 километри на час, а потрошувачката е импресивно ниски 5.7 литри на 100 изминати километри!

На крајот, одговор на прашањето – дали Leon SC дополнително ќе го приближи Leon до помладите? Со оглед на дизајнот, шармот и спортскиот дух, како и технологијата и моторите кои се  нудат – нашиот одговор е несомнено да!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.