Веќе неколку пати сме пишувале за новиот купе-седан на Mercedes-Benz, но сега тој и официјално беше претставен пред македонската публика!
Новиот CLA е интересен од многу различни аспекти. Веќе пишувавме дека е најаеродинамичниот автомобил во сериско производство, но ќе се нуди и со многу различни мотори. Кај нас, почетната цена на бензинскиот модел CLA180 со 1.6-литарски турбо мотор и 122 коњски сили е 28.970 евра. Опремен со овој мотор, CLA забрзува до 100 километри на час за 9.3 секунди, а максималната брзина изнесува 210 километри на час. Од дизелите, за почеток ќе се нуди само CLA220 CDI со 170 коњски сили и стандарден 7-степен автоматски менувач. Овој модел забрзува до 100 километри на час за 8.2 секунди, а максималната брзина е 230 километри на час.
Mercedes-Benz e единствениот кој ги нуди како станадарден дел од опремата во оваа класа системите ATTENTION ASSIST, кој го предупредува возачот при премореност, како и радарскиот систем COLLISION PREVENTION ASSIST со Аdaptive Brake Assist. Како што веќе напоменавме, CLA може да се пофали и со исклучителна аеродинамичност, односно коефициент на отпор на воздухот од само Cd 0.22. Одличната аеродинамичност покрај тоа што ќе се одрази одлично врз перформансите и управливоста, ќе има и одлично влијание врз потрошувачката.
Купувачите ќе можат својот CLA да го нарачаат со погон на сите четири тркала, односно најновата генерација на 4MATIC погонот на Mercedes-Benz. Според најавите, новата верзија на системот би требало да обезбеди одлична стабилост и безбедност во поширок спектар на услови на возење.