ТЕСТ: Skoda Rapid – Стремеж кон врвот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Skoda Rapid – Стремеж кон врвот!

Желбата да се има автомобил во понудата кој не само ценовно, туку и функционално ќе биде сериозен борец во било која категорија е разбирлива, но кога таа желба ќе резултира со навистина импресивен продукт, тогаш сите имаат причина за задоволство.

Новиот Skoda Rapid е кандидат во категоријата на мали седани. За волја на вистината, благодарение на 5-тата врата, Rapid технички не би требало да се смета за седан туку за хечбек, но заради полесна споредба со конкуренцијата и генерално-прифатената форма во класата, можеме да го именуваме како седан.

Својот изглед Rapid го должи на интересниот MissionL концепт од пред неколку години. Дизајнот во ниеден случај нема да го наречеме револуционерен, но секако можеме да го наречеме прифатлив, па дури и привлечен. Нема „храбри експерименти“ – напротив, линиите се чисти и универзално јасни. На предната страна доминираат светлосните структури и маската на ладилникот која е дополнително украсена со знакот на Skoda, страните се чисти и без непотребни дизајнерски елементи, додека задниот дел сериозно ни наликува на поголемата сестра, односно Skoda Octavia.

Она што уште на првиот контакт со автомобилот може да се забележи се големите врати, кои наговестуваат дека Rapid нуди многу простор во ентериерот – и токму тоа е приказната во внатрешноста. Внатре има навистина многу простор! На предните две седишта има повеќе од доволно простор, а на задната клупа има доволно место и за колената, но и за главата. Всушност, во внатрешноста на Rapid има повеќе простор отколку кај некои конкуренти кои се една класа поголеми.

Ако на сето тоа доадеме и дека материјалите и деловите кои се користени во внатрешноста се со квалитет кој не сме навикнати да го гледаме во оваа класа, станува јасно дека се работи за сериозен автомобил. Да, на моменти успеавме да препознаеме делови кои веќе сме ги виделе кај некои други модели на Volkswagen групацијата, но тоа не е критика – напротив, тоа се веќе докажани и ергономски-потврдени делови. Всушност, ергономијата е на навистина високо ниво – сите команди и прекинувачи се лесни и пријатни за употреба – единствено не ни се допадна еден од прекнувачите за клима уредот кој е помал од останатите.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

Сепак, Rapid е седан наменет за фамилија која има потреба од лесно достапен и практичен автомобил кој ќе можат да го користат во различни услови – а токму таму Rapid едноставно се пронаоѓа себеси. Rapid е рекордер кога станува збор за багажен простор – нуди дури 550 литри зафатнина – бројка на која можат да позавидат и навистина поголеми седани, а благодарение на големата петта врата пристапот кон багажниот простор е лесен. Сметаме дека одлуката да се користи петта врата наместо класичен поклопец за багажниот простор е одличен потег, и еден од сериозните предности кои Rapid ги има пред конкуренцијата.

На пат Rapid се однесува како што би очекувале – лесен и прецизен за управување, со еден од најпрецизните менувачи кои сме имале шанса да ги пробаме во поблиското минато. Rapid лесно се снаоѓа како во градскиот метеж, така и на отворен пат. Квалитетната изолација ја намалува бучавоста во возењето, а комфорната возачка позиција и големите стаклени површини нудат сосем добра прегледност. Единствено кон задниот дел прегледноста е малку намалена, но со оглед на вкупните димензии на автомобилот, тоа и не е толку голем проблем.

Нашиот тестен модел беше опремен со 1.2-литарски TSI турбо-бензински агрегат со 85 коњски сили и околу 160 Nm вртежен момент. Овој мотор се покажа како одлично погоден за Rapid бидејќи нуди перформанси кои се сосема задоволителни. Забрзувањето до 100 километри на час трае 11.8 секунди, додека максималната брзина е 183 километри на час. Во градски услови потрошувачката изнесуваше околу 7.5 литри на 100 изминати километри, додека надвор од град околу 6 литри на 100 изминати километри. Малиот 4-цилиндарец има препознатлив звук кој би се осмелиле да го наречеме привлечен, но додека работи во место е безшумен – на моменти се прашувавме дали нашето возило има Start-Stop систем кој го гаси моторот на семафори!

На крајот, можеме да позборуваме и за опременоста. Нашиот тестен модел дојде со второто ниво на опрема, кое се нарекува Ambition. Тоа значи дека дел од опремата се грст воздушни перничиња, ABS и систем за контрола на пролизгување, клима уред, светла за магла, централно заклучување со далечинско, преден потпирач за раце, електрични ретровизори со греачи, борд компјутер и уште многу други ситници.

Со оглед на опременоста, практичноста и понудениот простор во внатрешноста, можеме да заклучиме дека се работи за одличен фамилијарен автомобил,кој лесно се издигнува над конкурентите во класата. Рекордниот багажен простор навистина значи многу за оние кои веќе основале фамилија, а ние со задоволство можеме да им го препорачаме Rapid.

  • 1.2-литарски турбо-бензински агрегат
  • Моќност: 85 коњски сили / 4800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 160 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 183 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.8 секунди
  • Должина: 4483 mm
  • Ширина: 1706 mm
  • Висина: 1461 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2602 mm
  • Багажен простор: 550 литри
  • Потрошувачка: 7.2 литри на 100 км (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Skoda Rapid 1.2 TSI Ambition – 12.140 Евра
Поврзано:   ТЕСТ: Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline - Добро-позната, но сосем поинаква Škoda!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.