ТЕСТ: Citroen DS4 Sport Chic THP 200 – Автомобилски Haute Couture – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroen DS4 Sport Chic THP 200 – Автомобилски Haute Couture

Сакале љубителите на брендот да признаат или не, еден период Citroen како да остана без својот шарм. Благодарение на DS линијата која покрај храбриот дизајн носи и вистинско чувство на премиум, Citroen се враќа на голема врата!

Возилата на Citroen секогаш биле различни и на овој или оној начин отскокнувале од прифатените стандарди. Да се потсетиме само на технолошки напреднатиот DS19, односно DS21 – тоа беа автомобили кои беа пред своето време. Технологијата која тие ја донесоа уште пред повеќе од половина век ги оставаше случајните минувачи со подзинати усти, но и ден денес се повеќе од привлечна појава на улиците.

Вистината е дека возилата на Citroen не секогаш биле наменети за секого. Биле наменети за оние кои биле подготвени да погледнат малку подалеку од „естаблишментот“ и да бидат различни. Кога Citroen се обиде да го избегне овој критериум, направи автомобили кои беа прифатливи, но никогаш не ја имаа онаа различност која ги двоеше од конкуренцијата.

По неколку дена поминати со DS4, можеме безрезервно да кажеме дека Citroen повторно го пронајде својот шарм. Уникатноста и различноста кои се дел од душата на еден Citroen се повторно тука, а тоа нас нé прави навистина радосни.

Да позборуваме за DS линијата. Во моментов се нудат три различни DS модели – DS3, DS4 и DS5. DS3 е малиот урбан спортист кој е директна конкуренција на Mini Cooper S, нашиот тестен DS4 кој е навистина интересна комбинација од неколку различни класи на возила, и на крај големиот луксузен DS5 кој е во сопствена класа, и за волја на вистината, нема директна конкуренција. DS гамата се покажа како успешна за францускиот производител, особено малиот DS3 кој е вистински хит!

Сепак, денес пред нас е DS4 – автомобилот кој (за сега) е во средината на понудата и би требало да ги понуди сите работи кои би му биле потребни на еден просечен возач. Да започнеме со дизајнот – во најмала рака, DS4 изгледа несекојдневно, а токму неговата несекојдневност го прави забележлив по градските улици и е еден од оние автомобили кои го задржуваат вниманието на случајните минувачи. Интересните детали – како големите дневни светла поставени под главните светлосни структури, големата хромирана маска, кваките на задните врати скриени во Ц-столбовите и привлечните задни светла на автомобилот му даваат агресивен, но истовремено и елегантен изглед.

Неизбежно ќе приметите дека DS4 е малку повисок од подлогата во споредба со другите автомобили во оваа класа. Благодарение на ова, прегледноста (кон предниот дел) е навистина одлична, а повисоката суспензија не влијае негативно на управливоста како што би очекувале.

Зад воланот DS4 едноставно зрачи со своите премиум амбиции. Одличните седишта обвиени во мека кожа и воглавно одличните материјали во внатрешноста оставаат одличен прв впечаток. Лесно се пронаоѓа комфорна возачка позиција, но цената која се плаќа за интересниот дизајн е намалената прегледност кон задниот дел. Сепак, тоа е компромис кој ние сме апсолутно подготвени да го прифатиме за да го добиеме автомобил кој изгледа како DS4.

На предните седишта има навистина многу простор, но за жал просторот е ограничен на задната клупа, а прозорците во задните врати не се отвораат. Овие забелешки се секако резултат на дизајнот, за кој веќе зборувавме, и сигурни сме дека сопствениците нема да забележат премногу. Сликата ја поправа багажниот простор со зафатнина од сосем задоволителни 370 литри, но и компресорот за пумпање гуми кој е дел од сериската опрема и светлото во багажникот кое ако ви затреба можете да го извадите и да го користите како батериска ламба.

Благодарение на 1.6-литарскиот турбо бензинец со кој беше опремен нашиот тестен модел, автомобилот располага со 200 коњски сили и 275 Nm вртежен момент. Ова е доволно за DS4 да забрза до 100 километри на час за 8.5 секунди и да продолжи да забрзува до 235 километри на час. Моторот пријатно нé изненади и со потрошувачката која низ град не надмина 9.3 литри на 100 изминати километри. Но она што навистина нé израдува е одличната управливост на DS4! Управувачот не е толку комуникативен колку што би сакале, но е навистина прецизен, па автомобилот лесно се поставува на патот а свиоците воопшто не се проблем. Менувачот е прилично прецизен и пријатен за користење, и комбиниран со 200-те коњски сили го прави DS4 одличен сопатник за ентузијастичко возење.

Секако, мораме да ја споменеме и опременоста, која во нашиот тестен модел беше завидна. Веќе ги спомнавме седиштата обвиени во кожа, но мораме да додадеме дека тие беа опремени со греачи и масажери, а возачкото седиште се нагодува електрично. Тука се и одличните ксенонски светла кои вртат во свиоци, мултимедијалниот уред осетлив на допир дополнет со прецизна навигација, сензорите за паркирање, мноштвото безбедносни системи и воздушни перничиња и уште цела една лепеза на ситници кои откако ќе се навикнете на нив, ќе ви станат пресудни во секојдневното возење.

На крајот, да сумираме – Citroen DS4 е автомобилски Haute Couture. Автомобилска висока мода – место каде дизајнот е пресуден, а токму тука DS4 доаѓа на голема врата. Привлечен од скоро секој агол, дизајнот на DS4 ги оправдува компромисите кои ќе морате да ги направите за да имате автомобил кој навистина нуди многу повеќе шарм од конкуренцијата. Можеме само да бидеме искрени и да честитаме на храброста да се направи еден ваков автомобил кој пркоси на она што се смета за стандард и нуди многу повеќе за оние похрабрите.

  • 1.6-литарски турбо-бензински агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 200 коњски сили / 5800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 275 Nm / 1700 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 235 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.5 секунди
  • Должина: 4275 mm
  • Ширина: 1810 mm
  • Висина: 1523 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2612 mm
  • Багажен простор: 370 литри
  • Потрошувачка: 8.4 (официјална), 9.3 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Citroen DS4 Sport Chic THP 200 – 29.490 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.