Aston Martin Rapide доби значително зголемување на моќноста како дел од фејслифт на супер-луксузниот спортски седан.
Зголемената сила ја издава новата назнака Rapide S, која исто така истакнува дека сега моделот е повеќе четири-вратен спортски автомобил, отколку луксузен секојдневен крстосувач.
Rapide S е погонуван од атмосферски 5.9-литарски V12 агрегат, кој е сега сместен за 19mm пониско. Силата е поголема за 80кс за разлика од досегашниот модел и изнесува 550кс, додека максималниот вртежен момент е покачен за 27 Nm на конечни 620 Nm. Неговото забрзување од 0-100 км/ч трае 4.9 секунди, што е за 0.3 секунди побрзо од претходникот, а максималната брзина е 306 км/ч.
Измените на екстериерот се минимални, но посебно се издвојува новата предна решетка, а тука е и нов дискретен заден спојлер. Како опција е и карбонски пакет за екстериерот, кој го украсува Rapide S со преден спојлер, заден дифузер, капаци на ретровизорите и лајсни над задните светла направени од јаглеродни влакна.
Измените во внатрешноста содржат пиjано финиш и опционален двобоен црвен0-црн тапацир. Седиштата можат комплетно да се преклопат, при што се добива товарен простор со волумен од 900 литри.
Новиот Rapide S ќе започне со продажба во наредниот месец, а неговата цена се очекува да биде многу блиску до сегашната.