Освежување на BMW Z4 за 2014 година – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Освежување на BMW Z4 за 2014 година

BMW го претстави обновениот Z4 роудстер, кој доаѓа со минимални визуелни измени и нов sDrive18 агрегат.

Новиот Z4 нуди минимални визуелни измени кои би ги приметиле само вистинските познавачи на моделот. Автомобилот е опремен со нови предни светлосни групи, со три-димензионален дизајн на LЕD прстените, нови алуминиумски фелни и минимални промени во боите на екстериерот.

Останатите промени се состојат од нов Design Pure Traction стајлинг пакет, кој вклучува двобоен ентериер во црна и портокалова боја, со детали во сјајна црна боја. Во изборот се додадени и нова селекција од материјали и кожа за внатрешноста.

Што се однесува до погонските единици, на досегашните sDrive20i, sDrive28i, sDrive35i и sDrive35is, кои остануваат неизменети, ќе им се приклучи нов sDrive18i. Агрегатот има зафатнина од 2 литри и произведува 154 кс со максимален вртежен момент од 240 Nm, a e усогласен со стандарден шест-степен рачен или опционален осум-степен автоматски менувач.

Со овој мотор, Z4 забрзува од 0-100 км/ч за 7.9 секунди и достигнува максимална брзина од 221 км/ч, додека неговата просечна потрошувачка изнесува 6.8 литри на 100 километри.

BМW објави дека светската премиера на освежениот Z4 ќе се одржи на автомобилскиот саем во Детроит во Јануари, а ќе започне да се продава во Март истата година.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.