full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota GT 86 – Спортист за вистинските возачи!

Со GT 86 Toyota повторно се враќа на сцената на спортски автомобили, а нам ни беше пружена шансата поблиску да се запознаеме со него, но и да отидеме чекор понатаму со содржините кои ги нудиме!

Toyota повторно го пронајде својот спортски дух – Јапонската компанија има долга традиција на спортски модели, но во изминатите неколку години како да подзаборави на спортските автомобили за обичниот човек. GT86 е одличен аргумент за тоа дека повторно ја научиле лекцијата!

Пред да зборуваме за GT86, да позборуваме малку за концептот кој му претходеше. FT-86 се појави за прв пат во 2009-та година на автомобилскиот саем во Токио, и веднаш го привлече вниманието на сите автомобилски ентузијасти со светот. Формулата беше максимално погодена – мало спортско купе, со неверојатно ниско тежиште, врискачки мотор поставен напред и погон на задните тркала, целото тоа споено преку мануелен менувач. Обожувателите на Toyota и Subaru од целиот свет ги молеа Јапонските гиганти да го пуштат FT-86 во сериско производство.

Неколку години подоцна, новиот Hachi-Roku (8 и 6 на Јапонски) е пред нас. Првите импресии го потврдуваат она кое го мислевме уште кога за прв пат го видовме серискиот модел – се работи за низок, спортски и агресивен автомобил. Од сите агли GT 86 едноставно зрачи со спортски карактер. Предниот дел е низок и наликува на глава од змија, а задниот дел е високо поставен и уште повеќе го акцентира фактот дека задните тркала ја пренесуваат силата на улицата.

Вратите се без рамка, токму онака како што му прилега на еден ваков автомобил, а кога ќе се спуштите во возачкото седиште, многу е едноставно да ја пронајдете совршената возачка позиција. Воланот се подесува по висина и длабочина, а седиштето нуди доволно подесување за во секој момент да ви биде комфорно пред воланот. Кога ќе погледнете низ ветробранското стакло и ќе го приметите долгиот нос кој како бесконечно да се издолжува пред вас, веднаш знаете дека ова нема да биде секојдневно возачко искуство.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid Luxury - Најдоброто од Toyota?

Го притискате копчето за старт, автомобилот го прочистува грлото и дволитарскиот боксер оживува. Уште на ниски вртежи, звукот е остар, а големите издувни цевки кои го красат задниот дел го комплетираат ауралното задоволство. Позитивно изненадени од краткиот и прецизен од на менувачот, го ставате автомобилот во прва брзина и почнувате да се движите.  Вистинската моќ се јавува на прилично високи 7000 вртежи, но тоа е дел од убавината на овој мотор.

Нека биде веднаш јасно – ова е автомобил кој на улиците привлекува повеќе внимание од калуѓерка во мини-сукња. Нискиот профил, спортските детали и одличниот звук ги примамуваат погледите на случајните минувачи, а градските тркачи на секој семафор пробуваат да започнат неформална трка.

По неколку минути зад воланот, веднаш станува јасно дека овој автомобил не е наменет за трки од семафор до семафор, иако забрзувањето од 0 до 100 километри на час за 7.6 секунди и максиналната брзина од 226 километри на час воопшто не се за потценување. Овој автомобил е за оние себичните возачи кои сакаат да седнат зад воланот и да уживаат во возачкото искуство. За оние возачи кои ќе станат во 4 часот во Недела наутро, ќе отидат на својот омилен празен пат и ќе го дочекаат изгрејсонцето зад воланот нa еден од најдобрите возачки автомобили на денешницата.

Максималната брзина станува неважна, а примарното внимание му се посветува на возачкото искуство, и пренесување колку што е можно повеќе брзина од првиот свиок до последниот. Благодарение на погонот на задните тркала, управувањето е како од некој друг свет. Воланот ги пренесува сите информации од подлогата и го нуди сиот отпор кој би го очекувале од еден спортски автомобил. Тврдата суспензија само го истакнува спортското чувство и ви влева повеќе самодоверба, за уште посамоуверено да пробате да ги дознаете крајните граници на овој мал автомобил.

Поврзано:   Toyota Land Cruiser Namib е ретро-фантастичен - и резервиран само за Африка.

Откако ќе соберете малку искуство зад воланот на GT 86, ќе имате желба да ги исклучите безбедносните системи и навистина да дознаете што може еден автомобил со 200 коњски сили под поклопецот на моторот и погон на задните тркала – а токму тука продолжува забавата. Пролизгувањето на задницата лесно се предвидува и се контролира благодарение на „зборлестиот“ волан, а ваквото однесување неизмерно придонесува за забавата при возењето. Исклучете го радиото, отворете ги прозорците и уживајте во она што GT 86 може да ви го понуди.

После сето ова, дали воопшто е потребно да зборуваме за ситници како опременоста? За волја на вистината, GT 86 е максимално опремен автомобил. Целата лепеза безбедносни системи ќе се погрижат да немате  непријатно искуство зад воланот додека да го научите автомобилот, а кожните седишта со греачи, двозонскиот клима уред, големиот мултимедиски уред осетлив на допир, Bluetooth конекцијата за вашиот мобилен телефон, ксенонските светла и останатите мали ситници кои живот значат ќе ви го олеснат секојдневното живеење. Потрошувачката на гориво не надмина 12 литри на 100 километри во градски услови, и тоа со прилично спортски режим на возење – сигурни сме дека со малку полесна нога, оваа бројка лесно би се симнала во едноцифреното поле.

На крајот, ако ме прашате дали има нешто што лично не ми се допаѓа кај GT 86, ако веќе морам нешто да потенцирам,ќе кажам дека 17-инчните алуминиумски фелни не ми се допаѓаат, но тоа е веќе субјективно размислување и детал кој лесно може да се смени. Би сакал и команди на воланот, но тие само би го оттргнале вниманието од спортското возење. Технички, автомобилот е за четворица, но на задната клупа ќе собере само луѓе со неверојатно кратки нозе.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota RAV 4 2.0 Dynamic AWD – Логичен или нелогичен избор?

Toyota GT86 е прекрасен спортски автомобил, кој одлично ја истакнува спортската историја на Јапонскиот производител. Наменет е за себичните возачи, за оние кои навистина го разбираат значењето на еден ваков автомобил, а ние ќе ви препорачаме да бидете себични и да си купите Toyota GT 86!

  • 2.0 атмосферски бензински боксер агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 200 коњски сили / 7000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 200 Nm / 6400 – 6600 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 226 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.6 секунди
  • Должина: 4240 mm
  • Ширина: 1775 mm
  • Висина: 1425 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2570 mm
  • Багажен простор: 243 литри.
  • Потрошувачка:  11.5 литри во градски услови (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota GT 86 Drift  – 32.900 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.