Затегнување на брчките за Honda CR-Z – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Затегнување на брчките за Honda CR-Z

Honda го искористи саемот во Париз за да го претстави освежувањето на CR-Z на Европскиот пазар.

Визуелно не се забележуваат некои големи разлики, но моделот доби со нов преден браник, обновена решетка, редизајнирани светлосни групи, нов заден дифузер, 17-инчни алуминиумски тркала и нови фиоки во вратата со цел да се подобри практичноста на кабината. Додадени се и две нови бои на каросеријата, Energetic Yellow и Aurora Violet.

Освежениот CR-Z добива подобрена верзија на неговиот 1.5-литарски SOHC i-VTEC агрегат, кој сега произведува 119 кс благодарение на измените во системот за варијабилно отварање на вентилите и репрограмирање на компјутерската единица. Додатни 20 кс доаѓаат од подобрувањето на електричниот мотот, кој сега ја црпи моќта од литиум јонска хибридна батерија наместо никел-метална. Измените ја покачија комбинираната сила на 135 кс и 190 Nm вртежен момент.

Автомобилот сега забрзува од место до 100 км/ч за 9.0 секудни и достигнува максимална брзина од 200 км/ч. Просечната потрошувачка на гориво изнесува 4.1 литри на 100 км, додека емисијата на издувни гасови останува неизменета со 116 грама на километар. Honda исто така додаде и Plus Sport систем – доколку батеријата е полна над 50%, овој мод овозможува подобрено забрзување во текот на 10-те секунди од кога ќе биде притиснато копчето на воланот. Овој систем може да се користи во ECON, Normal и Sport модовите.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.