На саемот во Париз, Peugeot ќе представи уште еден концепт на кросовер, овојпат се работи за компактен кросовер базиран на Peugeot 208, а ќе биде одговор на Nissan Juke, Opel Mokka и Chevrolet Trax.
Визијата за модерен и динамичен кросовер на Peugeot започна уште на саемот во Пекинг, кога тие го претставија Urban Crossover Concept. 2008 Concept всушност претставува нова верзија на тој концепт, но овој пат многу поблиска до серискиот модел.
Пространоста на 2008 е најголемиот адут на овој автомобил кој треба да се истакне пред своите конкуренти, но нуди и прилично динамичен и спортски изглед.
Официјални податоци за понудата на мотори сеуште нема, но сегашните најави говорат дека 2008 во понудата ќе ги има бензинските мотори – 1.2 литарскиот турбо мотор со 82 КС, 1.4 литарскиот со 95 КС, 1.6 литарскиот со 120 КС и 1.6 THP. Од понудата на дизел агрегати, во 2008 би требало да се најде 1.6 литарскиот e-HDI во две верзии, со 92 и 114 КС. Погонот најверојатно ќе биде само преден, иако не се исклучува можноста Peugeot 2008 да го видиме и со погон на сите четири тркала. Концептот е придвижуван од 1.2-литарски турбо-бензински мотор со директно вбризгување кој ослободува 110 коњски сили.
Серискиот модел ќе се најде на пазарот на почетокот на 2014 година, иако има најави да го видиме и порано, на крајот на наредната година.