Премиера: Освежување за BMW 7 – Мега Галерија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Освежување за BMW 7 – Мега Галерија

По четири години од нејзиното појавување на пазарот, BMW ја обнови нивната Серија-7 со фејслифт за 2013 година.

Кога ќе го слушнеме зборот фејслифт, обично помислуваме на визуелно разубавување, но овојпат има многу повеќе новости кои се наоѓаат во внатрешноста на возилото. Однадвор, највоочлива промена се новите LED предни светла со светлечките прстени, придружени со изменети решетки со по девет ребра наместо досегашните 12, обновен преден браник, нови индикатори под ретровизорите и тенка хромирана линија што ги поврзува двете тенки мачкини очи на задниот браник.

Во внатрешноста, овој модел носи ново-дизајнирани кожни предни седишта, нов Bang & Olufsen високо квалитетен surround систем и доколку купувачот сака, забавен пакет за задните седишта со 9.2-инчен монитор. Покрај тоа, BMW додаде нов прилагодлив, дигитален иструмент-дисплеј кој му овозможува на возачот да избере еден од четири различни режими на работа, односно истиот кој опционално може да се добие во Серија 5.

Под поклопецот, Баварскиот бренд претстави нов дизел мотор и ги измени останатите од линијата, додека осум-степената автоматска трансмисија доаѓа сериски. Во новата Серија 7 дебитира новиот 3.0-литарски реден шестцилиндричен дизел мотор со три турбини, претходно виден кај M55d xDrive. Кај 750d xDrive, овој мотор ќе испорачува 375 кс и 740 Nm, овозможувајќи му забрзување од 0-100 за време од само 4.9 секунди и ограничена максимална брзина од 250 км/ч. BMW најави просечна потрошувачка од 6.4 литри на 100 км. Во понуда ќе бидат уште два дизели, 740d со 3.0-литарски реден шест-цилиндарец со зголемени 309 кс, и 730d со истиот мотор, но со 255 кс.

Изборот на бензински мотори го вклучува 760i со истиот 6.0-литарски битурбо V12 со 537 кс како претходно, 750i со изменет 4.4-литарски V8 турбо кој произведува 444 кс и 650 Nm, и 740i кој го добива новиот 3.0-литарски твин-турбо со 315 кс и 450 Nm вртежен момент. На одредени пазари, BMW исто така ќе го нуди основниот 730i со класичниот 3.0-литарски атмосферски реден шест-цилиндарец со 255 кс и 310 Nm вртежен момент на 2,600 вртежи во минута.

Поврзано:  Премиера: Ова е новиот BMW X3

Последен но не и најмалку значаен, е новиот ActiveHybrid7, кај кој досегашниот 4.4-литарски твин-турбо V8 со 408 кс е заменет со 3.0-литарски турбополнет реден шест-цилиндарец со 315 кс кој работи усогласен заедно со електричен мотор од 54 кс. Комбинираната моќ која ја создаваат изнесува 350 кс со максимален вртежен момент од 500 Nm. BMW вели дека новиот ActiveHybrid7 забрзува од 0-100 за 5.7 секунди, додека покажува просечна потрошувачка од 6.8 литри на 100 км.

Сите нови модели од Серија 7 во сериска опрема добиваат нова прилагодлива воздушна суспензија.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.