Вистинските познавачи знаат кои се предностите на едно „караван“ возило, а знаат и што значи Jaguar во автомобилскиот свет. Зошто тие две работи да не бидат споени во едно практично и луксузно возило?
Токму тоа е прашањето кое Jaguar го одговори со новиот XF Sportbrake. Караванската верзија на Jaguar XF малку по малку „протекуваше“ на Интернет минативе неколку недели, за на крај само неколку дена пред стартот на авто-салонот во Женева да ја видиме и финалната верзија низ официјални фотографии.
Дизајнот ја продолжува филозофијата на Британскиот бренд – чисти, едноставни и воздржани линии кои се претопуваат во безвременски изглед. Нам ни се допаѓа, а лично сметам дека во многу случаи караван изведбите изгледаат подобро од обичните седани.
Сеуште нема технички податоци околу тоа колку багаж може да собере во новиот XF Sportbrake, но сигурни сме дека практичноста ќе биде на високо ниво а луксузот непроменет.