Редно беше – Acura NSX Concept! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Редно беше – Acura NSX Concept!

Поминаа денови, месеци, години, векови, милениуми, цели ери во молитви за нов NSX од Honda… Со новиот NSX концепт, Honda конечно одговори на молитвите!

Што би се рекло „Е арно ви текна бе Јапонци!“… Конечно, после многу шпекулации, муабети, фотоманипулации, рендери и што се’ не, Honda официјално излезе со својата визија за новиот NSX. Концептот беше свечено претставен уште на првиот ден на Салонот за Автомобили во Детроит, кој започна на 9ти и ќе трае до 22ри јануари.

Се работи за апсолутно фантастичен концепт, кој уште на прв поглед, ја има моќта да ви ги измести чакрите. Нема, едноставно нема агол, од кој овој концептен автомобил изгледа макар и маргинално лошо или невкусно. Севкупно, дизајнот би го претставиле како „Докторат по геометрија“, бидејќи се состои од строго дефинирани, претежно прави линии, кои во ниеден момент не ја нарушуваат хармонијата и сировата убавина со која зрачи овој автомобил. Нека не ве буни значката, бидејќи Acura е „американската“ Honda :)

Концептот е изработен од егзотични материјали, кои со тежината спаѓаат во „мува“ категорија. Лесната каросерија, во комбинација со средишно поставениот V6 и околу 15 билиони нови најмодерни технологии, ветуваат возачко искуство од соништата. Новиот, иновативен Sport Hybrid SH-AWD (Super Handling All Wheel Drive) систем, преку две електрични управувачки единици, ќе може инстантно да додава или да одзема сила, на предната или задната оска, во зависност од условите на патот и режимот на возење. Со тоа, од Honda ветуваат дека ќе се доживеат досега невидени перформанси во управливост и држење на патот. Според Ито Таканобу, човекот зад првиот NSX, преку Sport Hybrid SH-AWD системот ќе се постигне ултимативната врска помеѓу човекот и машината.

Само ќе кажеме дека со нетрпение го чекаме финалниот производ, кој ако биде верен на овој концепт, несомнено ќе предизвика големи поместувања на тектонските плочи во автомобилската индустрија.

Иако сите би сакале да ги дознаеме тајните зад новиот V6 на NSX, сепак, многу се оскудни техничките спецификации, па додека ги чекаме официјалните информации, со вас ќе го споделиме тоа што моментално стои на располагање:

  • Должина: 4330 mm
  • Широчина: 1895 mm
  • Височина: 1160 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2575 mm
  • Големина на тркала (in): 19х9 (напред), 20х10 (назад)
  • Големина на пневматици: 255/35 R19 (напред), 275/30 R20 (назад)


Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!