Топ 10 најчудни врати на возила! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Топ 10 најчудни врати на возила!

Некако се навикнавме да гледаме чудни врати на разно-разни концептни возила, но и на модели кои сериски се произведуваат. Да направиме една ретроспектива на 10-те најчудни врати кои биле дел од некој автомобил!

10. Kaiser Darrin

Овој модел кој потекнува од Американскиот пазар се појави во 1954-тата година, и беше вистинско технолошко чудо. Сигурно биле чудо и вратите кои се вовлекувале во крилата при отворање!

9. BMW Z1

Веќе сигурно го знаете интересниот двосед на BMW, а сигурно ги знаете и неговите интересни врати кои се вовлекуваат во подот кога се отворени!

8. BMW Isetta

Овој автомобил (ако воопшто може да се нарече така) има врата која се отвора.. нанапред! Со среќа излегување ако се паркирате блиску од некој ѕид! :)

7. Saab Aero-X

Концептот на Saab од пред неколку години ја следи филозофијата на борбени авиони која ја прифати Шведската компанија, па кокпитот се отвора слично како на борбен авион.

6. Holden Hurricane

Но Saab не е првата компанија која си поиграла со ваков дизајн. Први тоа го направија Австралијците, и тоа со нивниот Holden Hurricane, концепт возило од 1969-тата година!

5. Peugeot 1007

Интересното градско возило на Peugeot, кое заради лиценцирање не можеше да се нарекува “one-double-o-seven” во земјите кои зборуваат Англиски има мошне интересни и практични врати, совршени за тесни паркинг-места и градски гужви.

4. Pink Panthermobile

Иако е само „блесав“ концепт, било каде и да пристигнете во ова возило, вратата која се отвора хоризонтално ќе ви обезбеди спектакуларен дочек. А и бојата сосема му прилега! :)

3. Mercedes 300SL

Познат по своите Gullwing врати (кои всушност се решение за конструкциски проблем), 300SL е еден од најпрепознатливите и најбарани автомобили во светот. Мерцедес неколку пати проба да го повтори успехот и изгледа конечно успеа со SLS AMG.

2. Smart Crossblade

Ако веќе зборуваме за врати, онаа на Crossblade и не е толку врата, колку што е преграда. Сепак, одлично за оние кои сакаат да се направат лом при поминување низ вода!

1. Alfa Romeo Carabo

Иако scissor вратите ги популаризираше Lamborghini, и тоа со Countach, сепак прв автомобил со вакви врати беше Alfa Romeo Carabo. Концептното возило на Италијанскиот производител е дизајнерско дело на легендарниот Marcello Gandini. Gandini е навистина горд на ова возило кое се појави во 1968-мата година. Вратите веднаш станаа популарни, а останатото е, како што велат, историја.

БОНУС #1 – Било кој Koenigsegg

Дело на Christian Von Koenigsegg, моделите на Шведскиот производител имаат интересна варијација на scissor doors темата, но со навистина уникатен и интересен дизајн. Од целата листа, ова е автомобил кој највеќе наликува на некој лик од Transformers филмовите!

БОНУС #2 – General Lee

Добро, за воља на вистината, Dodge Charger има нормални врати, но за потребите на Bo & Luke Duke, вратите беа заварени, a дечките „грациозно“ влегуваа и излегуваа низ прозорците.

БОНУС #3 – Lincoln Continental Convertible

Зошто го спомнуваме Continental? Две причини – првата е дека е одличен претставник на Suicide Doors принципот на задни врати, а втората е дека структурната ригидност на овој автомобил била толку лоша, што ако ги оставите сите врати отворени подолго време, автомобилот ќе се деформира, па нема да можете воопшто да ги затворите!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.