Subaru ти дава крииилјаааа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Subaru ти дава крииилјаааа!

Можеби изгледа како да е производ од некој „влажен сон“ на Квазимодо, но нема збор, Subaru Impreza STI секогаш фасцинира и извлекува воздишки кај вистинските љубители на автомобилите!

Борбата помеѓу „припитомените“ рели-тркачи Subaru Impreza WRX STI и Mitsubishi Lancer Evolution, секогаш била интересна за следење. Пред извесно време, Јапонците се повлекоа од рели натпреварите (од каде што всушност потекнуваат овие ултимативни изведби), меѓутоа битката во ниту еден момент не ни забави, а не па да запре комплетно. Овие култни возила, ден денешен уживаат огромна популарност кај авто-ентузијастите и кај оние кои навистина почитуваат автомобилска перфекција. Subaru се реши да направи една посебна серија на својата „нервозна“ Impreza, која го носи името “S206”.

Пред да почнете да кроите планови за „нормални“ или „алтернативни“ начини на собирање на пари, уште на почетокот да ви кажеме, дека се работи за ограничена серија од само 300 автомобили… кои ќе се продаваат исклучиво во Јапонија… Да, ја делиме вашата љубомора… Особено, кога ќе се земе предвид дека оваа серија ја красат нови 19 инчни фелни направени од ВВЅ, специјално за оваа пригода, исклучителните амортизери на Bilstein, поддржани од нови STI спирали, кои во комбинација со подобрените стабилизатори, ветуваат уште подобра контрола на возилото, и се разбира, уште поголемо задоволство при возењето.

Но, модификациите кај Ѕ206 не застануваат тука. Четири-цилиндарскиот боксер мотор е пројден со „фина четкичка“ и оптимизиран речиси до степен на лудило, а исто така, низ ревизија пројдоа и централната управувачка единица (ECU), турбо-полначот и системот за издувни гасови. Сето тоа резултира со зголемување на моќноста на 320 КС и вртежниот момент на 431 Nm.

Останати карактеристики кои ја двојат оваа изведба од претходните, доаѓаат во облик на нова маска, нов преден спојлер, нов заден спојлер, нови странични отвори за воздух, ексклузивен кожен волан, „кадички“ од Recaro и црвено копче за старт на моторот, кое несомнено изгледа како да предизвикува – „Ајде, стисни ме и види што ќе се случи!“.

Погледнете ја галеријата и уживајте во технолошката уметност создадена од Subaru!



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!