ПРЕМИЕРА: Audi Q8 – Новиот лик на Q-семејството од Инголштад! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi Q8 – Новиот лик на Q-семејството од Инголштад!

Новиот знаменосец на Q-семејството на Audi воведува целосно нов дух во гамата на теренци од Инголштад – и е повеќе од подготвен да се бори со директните конкуренти.

Според Audi, новиот Q8 „зрачи со спортска динамика и рафиниран престиж како ниту еден друг SUV од брендот со четири прстени.“ Големиот SUV е долг 4.99 метри, широк 2 метри и висок 1.71 метар – а тоа го прави пократок, поширок и понизок од Q7 – и со ова Audi сака да ги истакне динамичните вредности на Q8. Благодарение на меѓуоскиното растојание од 3 метри може да понуди многу простор во кабината, но и багажен простор со капацитет до 1775 литри!

Секако, Q8 доаѓа со добро-познатиот quattro погон на сите четири тркала. Механичкиот среден диференцијал ја пренесува силата кон предната и задната оска во однос 40:60 во нормални услови, но е подготвен за само неколку милисекунди да го смени тој однос и да пренесе сила кон оската со повеќе тракција. Дополнително, Q8 е оддалечен од подлогата цели 254 милиметри, а суспензијата може да биде пониска или повисока за цели 90 милиметри, во зависност од условите на патот и желбите на возачот. Сите верзии ќе се нудат во MHEV (Mild Hybrid-Electric Vehicle) изведба, со 48-волтен електричен систем кој може да „врати“ до 12 kW моќност во батериите.

Audi Q8 го добива и најновиот MMI мултимедијален уред и комбинација од два големи дисплеи – еден, 10.1 инчен кој се користи за мултимедија и навигација, а под него има уште еден 8.6-инчен дисплеј наменет за климатизацијата, загревањето и внесувањето на текст. Ќе можат да се добијат и многу други играчки – како што е на пример премиум аудио уредот од Bang & Olufsen, LTE Advanced поврзување со Wi-Fi Hotspot и уште многу, многу други додатоци. Секако, Q8 ги добива и сите системи за асистенција кои Audi веќе ги нуди.

Не смееме да го заборавиме ниту дизајнот – кој можеме да го опишеме како монолитски. Динамичниот став и острите линии очигледно влечат потекло од другите модели на брендот, но она што го добиваме со Q8 е свежа и храбра интерпретација на дизајнерскиот јазик на Audi. Останува само да почекаме Q8 да пристигне и кај нас!

Поврзано:   Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.