Сподели! ;)

Hyundai официјално го претстави првиот модел од N-дивизијата – и новиот хот хеч ќе нуди 250 или 275 коњски сили и ќе забрзува до 100 километри на час за само 6.1 секунда!


Првиот хот-хеч на Hyundai го следи добро-познатиот рецепт за одличен брз хечбек – 2-литарски турбо-бензинец кој ја пренесува силата кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Ќе се нуди во две верзии – стандардната верзија со 250 коњски сили, и помоќната Performance Package верзија со 275 коњски сили. Доколку ја изберете првата верзија ќе добиете забрзување „до стотка“ за 6.4 секунди, а доколку ја изберете помоќната верзија за истото тоа ќе ви биде потребна само 6.1 секунда.

Без разлика во која изведба ќе го изберете, i30 N доаѓа со адаптивна суспензија и 5 различни режими на работа – Eco, Normal, Sport, N и N Custom. Овие режими се избираат преку прекинувачи на управувачот, а покрај суспензијата се прилагодуваат и парамтерите на моторот, системот за контролирање на стабилноста, звукот на моторот и системот за израмнување на вртежите.

Performance Package верзијата ќе ја препознаете по поголемите, 19-инчни тркала обвиени во Pirelli P-Zero пневматици, поголемите сопирачки со црвени шепи, електронски диференцијал за ограничено пролизгување и систем за прилагодување на звукот од издувниот систем. Според она што го кажуваат од Hyundai, новиот i30 N е развиен со цел да биде забавен во сите услови за возење, не само на тркачката патека – треба да биде спортски автомобил за секој ден, за до работа преку работната недела, но и за тркачката патека преку викенд.

Во таа насока, i30 N добива поагресивни браници и нов заден спојлер, а целиот автомобил е 40 милиметри понизок во однос на стандардната верзија. Во кабината ќе добиете уникатен управувач и менувач, електронски панел со инструменти, спортски седишта и неколку N-логоа поставени низ ентериерот. Автомобилот ќе се нуди во шест бои, меѓу кои е и Performance Blue сината боја од фотографиите. Другите бои се викаат Clean Slate, Polar White, Micron Grey, Phantom Black или Engine Red. Официјално, i3o N ќе пристигне на пазарот на крајот на оваа година.