ТЕСТ: Toyota Avensis 1.6 D-4D Executive – Тивка еволуција – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Avensis 1.6 D-4D Executive – Тивка еволуција

Седанот на Toyota не е нов на нашите патишта – но помина низ драстична трансформација од своето прво појавување до денес – па ние решивме подобро да дознаеме што всушност го прави толку успешен?

Најновата, трета генерација на Avensis всушност веќе и не е толку нова. Ја носи интерната ознака T270 и се произведува од 2009-тата година. Од тогаш до сега помина низ две позначајни освежувања со што доби затегнат лик и нови технологии, а она што денес го гледаме е последниот модел, освежен минатата година.

Со фејслифтот, Avensis го задржува имиџот на ненаметлив, но функционален и комфорен седан

Со минатогодинешниот фејслифт, Avensis доби ревидирана предна маска на ладилникот, нови светлосни групи напред и позади и освежен ентериер. Овие измени визуелно го доведоа Avensis во линија со останатите модели од гамата на Toyota и во нашите очи највеќе наликува на популарниот Auris. Со двете освежувања, Avensis го задржа имиџот на ненаметлив, но функционален и комфорен седан кој има многу да понуди, и сето тоа по прифатлива цена.

toyota-avensis-side

На предниот дел доминираат големите предни светла и заострената маска каде на средина гордо стои знакот на Toyota. Можеби најновата интерпретација на дизајнот на Avensis нема да биде по сечиј вкус, но изгледа доволно свежо за да биде конкурентен. Страничните линии се типично седански, без непотребни прекршувања, а на задниот дел главниот примат го имаат големите задни светла и хромираната лајсна поставена меѓу нив.

toyota-avensis-rear

Ни се допаѓаат страничните прагови кои му даваат доза на атлетицизам на моделот, но би сакале број-два поголеми алуминиумски тркала кои подобро би ги пополниле полумесеците.

Двобојната комбинација во кабината го освежува ентериерот

toyota-avensis-interior4

Во ентериерот почнуваат да се забележуваат годините на Avensis, но инженерите и дизајнерите на Toyota посветиле доволно внимание за да го задржат вниманието на купувачите. Ни се допадна двобојната комбинација на седиштата и централната конзола, како и мултимедијалниот уред кој дополнително ја освежува кабината. Скоро сите површини се покриени со квалитетни материјали, па сè што ќе допрете е пријатно на допир и оддава чувство на робустност и долготрајност.

toyota-avensis-interior2

Ергономијата е воглавно солидна и немаме големи забелешки, освен тоа дека би посакале управувачот да имаше малку повеќе нагодување по длабочина, и позиционирањето на електронската рачна кочница е непрактично – позади клучот, па на прв контакт можеби нема да можете да го најдете прекинувачот.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

toyota-avensis-rearseats

На задните седишта има повеќе од доволно простор за двајца патници – како за нивните колена, така и за главите. По потреба ќе се сместат и тројца, но не би го препорачале тоа за подолго патување. Прегледноста е надпросечно добра благодарение на големите стаклени површини, па како на патниците, така и на возачот ќе им биде пријатно патувањето, а маневрирањето во градски услови е лесно. На располагање стојат 509 литри багажен простор достапни преку прилично правилен отвор.

Овие 509 литри нараснуваат на одлични 1320 литри кога ќе се спуштат задните седишта (кои воедно можат да се поделат во однос 60:40). Доколку сакате повеќе простор, Avensis може да се добие и како караван.

toyota-avensis-interior1

Исклучително штедлив турбодизел, „стотка“ за 11.4 секунди, максимални 185 километри на час

Онаму каде Avensis го покажува својот вистински талент е во возењето. Веќе напоменавме дека големиот седан е прилично лесен за маневрирање, а 1.6-литарскиот турбодизел е одлично впарен со 6-степен мануелен менувач. Турбодизелот нуди 112 коњски сили и 270 Nm вртежен момент, благодарение на кои Avensis забрзува до 100 километри на час за 11.4 секунди и постигнува максимални 185 километри на час.

Тоа не се спектакуларни бројки, но се сосем респектабилни со оглед на големината на автомобилот, а потрошувачката е изненадувачки ниска – ние успеавме да ја симнеме до 5.8 литри на 100 километри во градски услови, но во реално, секојдневно возење измеривме некаде под 7 литри на 100 километри.

toyota-avensis-front

На отворен пат, Avensis е во полн ефект. При брзина од 120 километри на час, малиот турбодизел „врти“ со нешо помалку од 2000 вртежи во минута. Многу внимание е посветено на аеродинамиката и звучната изолација, па во кабината е тивко и лесно е да се води разговор со сите патници во автомобилот.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Суспензијата е ориентирана кон комфор, а високопрофилните пневматици дополнително го зајакнуваат чувството на комодитет и опуштеност. Немојте да барате спортски перформанси од Avensis – тој едноставно не е таков, а ниту пак има такви претензии. Avensis e комфорен, тивок и доверлив сопатник, и станува јасно зошто толку долго се задржува на пазарот.

toyota-avensis-interior-dials

Богата опрема, одлични резултати на EuroNCAP

Тестниот модел со кој поминавме неколку дена може да се пофали со импресивна листа на стандардна и дополнителна опрема. Ќе ги издвоиме алуминиумските фелни, двозонскиот клима уред, мултимедијалниот уред со USB и Bluetooth поврзување, кожниот управувач со команди, LED дневните светла, старт-стоп систем, сензорите за дожд и светлина, електронската рачна кочница, TFT дисплеј поставен меѓу инструментите пред возачот и уште многу, многу други ситници.

toyota-avensis-euroncap

Не е заборавена ниту безбедноста, па Avensis може да се пофали со грст воздушни перничиња, веќе-очекуваните системи против блокирање на сопирачките, системите за контрола на тракцијата и стабилноста, но и систем за распределување на силата при сопирање, систем за контрола на вртежниот момент и уште цела гама други системи кои ја гарантираат безбедноста. Поради сите овие стандардни системи, Avensis може да се пофали со одличен резултат на EuroNCAP тестирањата.

Avensis е одличен за оние кои бараат комфорен, штедлив и доверлив партнер!

toyota-avensis-front2

На самиот крај, се поставува прашањето – дали Avensis и покрај годините, го заслужува нашето внимание? Секако! Фактот дека нашите читатели самите бараа да го тестираме Avensis и да го пренесеме нашето мислење зборува многу за неговата популарност – која директно резултира од неговите докажаност и репутација. Avensis можеби не е „најмладиот“ во сегментот, но неговиот докажан квалитет, економичноста, опременоста и леснотијата во возењето го прават идеален кандидат за оние кои бараат комфорен, штедлив и доверлив партнер.

  • Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 112 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 270 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 185 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.4 секунди
  • Должина: 4750 mm
  • Ширина: 1810 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1480 mm
  • Тежина: 1485 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 509 литри
  • Потрошувачка: 6.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Avensis 1.6 D-4D Executive – 21.490 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk
Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.