ТЕСТ: Skoda Octavia 1.2 TSI 105 Ambition – Доминантно добра! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Skoda Octavia 1.2 TSI 105 Ambition – Доминантно добра!

Новата Octavia е борецот во кој Skoda го гледа новиот шампион. Дали Octavia го има она што е потребно за да биде на врвот, имавме шанса да дознаеме додека го возевме овој автомобил.

Искрено се надевам дека купувачите веќе успешно ги надминаа стереотипите и со други очи гледаат кон нештата – бидејќи, кажано на кратко – новата Octavia е автомобил кој не само ќе ги достигне вашите очекувања, туку и сериозно ќе ги надмине.

skoda-octavia-front

Веќе добро знаеме дека третата генерација на Octavia е поставена на новата MQB платформа на Volkswagen, на која се изградени и новиот Golf, како и Audi A3 и новиот Seat Leon. Оваа платформа ќе биде основа за многу идни модели на групацијата, но веќе добро ги знаеме придобивките од неа – меѓу кои најважна е намалената тежина до 105 килограми, во зависност од моделот и изведбата. Секако,  намалената тежина влијае позитивно како на потрошувачката, така и на управувањето.

skoda-octavia-side

Сепак, прво да зборувам за дизајнот. Новата Octavia уште на прв поглед изгледа како да е извајана од едно единствено парче метал. Чистите и непрекинати линии на автомобилот му даваат модерен и безвременски изглед, благодарение на кој Octavia ќе изгледа исто толку свежо за десет години како што изгледа и денес. Отсуството на непотребни линии и дизајнерски елементи оддава чувство на самодоверба и рафинираност, а токму тоа е она што ги привлекува купувачите – како самата Octavia да кажува – „мене не ми требаат трикови, јас знам дека сум одлична!“

Дизајнот е очигледно еволутивен и Octavia евоцира спомени кон своите успешни предци, но истовремено гордо поставениот амблем на Skoda кој ги краси поклопецот на моторот и оној на багажниот простор сугерираат дека Skoda гледа кон иднината со овој модел.

Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

skoda-octavia-dashboard

Ја отворам вратата и ме пречекува ентериер токму онаков какво што очекувам – скоро се што можам да допрам е покриено со квалитетни и меки материјали. Лесно се наоѓа комфорна позиција за возење, а ергономијата е на највисоко ниво – друго ништо не би очекувале ако ги земеме Германските гени во предвид. Освен некои ситни површини кои не се често на дофат, ентериерот оддава чувство на квалитет и робустност. Не ми се допадна пијано-црната облога околу радиото која е магнет за прашина и отпечатоци од прсти. Инструментите се јасно видливи и разбирливи, а сите прекинувачи оддаваат одличен фидбек при користење. Управувачот се нагодува по висина и длабочинa, a прегледноста е одлична благодарение на големите прозорци. Кажано едноставно – седењето во Octavia е пријатно и комфорно.

skoda-octavia-details

За возачот и совозачот има повеќе од доволно место, додека на задната клупа има место за двајца или тројца патници кои комфорно ќе можат да патуваат. А кога веќе зборуваме за патување, мораме да посветиме малку повеќе внимание од вообичаено на багажниот простор.

Замислете голем багажен простор. Сега замислете уште поголем. Токму тоа го има во Skoda Octavia. Ја отворам големата петта врата – да, технички Skoda Octavia е хечбек – и имам пристап до пештерски-големиот багажен простор со зафатнина од цели 590 литри. Благодарение на големата петта врата и релативно нискиот раб, пристапот е лесен и една фамилија навистина лесно би се спакувала за патување на годишен одмор.

skoda-octavia-boot

На пат, Octavia повторно е самоуверена и доверлива. Управувањето е директно и прецизно, а на моменти може да разбуди и спортски емоции. Нема пренагласено навалување во свиоци, но сепак тука зборуваме за комфорен и практичен автомобил, па не ни очекувам претерано спортски гени – за тоа е задолжена RS изведбата која веќе е најавена. Менувачот е прецизен и со јасно дефинирано од – вистинско задоволство е да се „меша“ низ брзините. Секако, на менито генерално се нуди подуправување кога ќе се надминат границите, но сето тоа е безбедно и одлично контролирано. Со вистинска стимулација, и задниот дел на Octavia знае да „заигра“ благодарение на одличната шасија, но повторно, во границите на очекуваното и сето тоа многу лесно се контролира. На отворен пат, возењето во Octavia е опуштено благодарение на одличната звучна изолација и долгите односи на брзините.

Моторот со кој беше опремена нашата тестна Octavia е турбо-бензински, со зафатнина од 1.2 литри и моќност од 105 коњски сили, кој истовремено нуди 175 Nm вртежен момент. Перформансите се солидни и сосема задоволителни за скоро сите потреби – забрзувањето до 100 километри на час трае 10.3 секунди, а максималната брзина е сосема задоволителни (и крајно нелегални) 196 километри на час. За време на неколкудневното тестирање успеавме да измериме потрошувачка на бензин која не надмина 8 литри на 100 километри. Секако, со поагресивно возење, таа бројка расте, но во секојдневни услови Octavia изненадува со својата штедливост. За оние кои навистина сакаат да заштедат, тука се одличните 1.6 и 2-литарски турбо-дизели кои нудат одлични перформанси но и уште подобра економичност.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

skoda-octavia-rear

Кога станува збор за опременоста, и тука Octavia заслужува пофалба. Нашата Octavia дојде во Ambition ниво на опрема кое се наоѓа во средина на понудата. Сепак, во списокот на опрема се најде клима уред, мултимедијален уред осетлив на допир со можност за поврзување со мобилен телефон преку Bluetooth, старт-стоп систем, електрика на сите прозорци, централна брава, 6 воздушни перници, ABS, ESP, дневни светла и уште многу други ситници кои ја комплетираат сликата за овој сеопфатен автомобил. Би сакале да имаше и команди за управување со мултимедијалниот уред на воланот, но тоа се нуди само во највисокото ниво на опрема

skoda-octavia-front-2

Можеби „сеопфатен“ е вистинскиот збор за опишување на Octavia. Ова е дефинитивно автомобил кој може да понуди скоро се што му е потребно на еден возач, но и на едно семејство. Octavia порасна, па заслужено е споредувана со автомобили кои припаѓаат една класа погоре. Одличната изработка, квалитетните материјали, гордиот дизајн и максималната практичност се атрибути со кои Octavia храбро се истакнува пред конкуренцијата, но во овој случај не само што ја надминува конкуренцијата, туку и лесно ја прегазува.

Нам ни останува само да им честитаме на Чесите. Навистина ретко се случува кај нас да дојде автомобил за кој едноставно скоро и да немаме замерки.

  • 1.2-литарски турбо-бензински агрегат
  • Моќност: 105 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 175 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 196 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.3 секунди
  • Должина: 4659 mm
  • Ширина: 2016 mm (со отворени ретровизори)
  • Висина: 1461 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2686 mm
  • Багажен простор: 590 литри
  • Потрошувачка: 4.9 (официјална), 7.6 литри на 100 км (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Skoda Octavia 1.2 TSI 105 Ambition – 14.690 Евра
Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.