AMG-изведбите се ултимативните варијанти на моделите на Mercedes-Benz. Во Скопје пристигна кабриолет изведбата од големото купе на AMG кое може да се пофали со дури 585 коњски сили!
Mercedes-AMG S63 Cabriolet под својот огромен преден поклопец крие 5.5-литарски битурбо V8 кој испорачува 585 коњски сили и монументални 900 Nm вртежен момент. Преносот е кон сите четири тркала преку 4Matic системот и автоматски менувач – а резултат на сето тоа е 100 километри на час за само 3.9 секунди и максимална брзина која е електронски ограничена на 250 километри на час, односно 300 километри на час доколку се одбере Drivers пакетот.
Но сето тоа не е толку важно – едноставно, автомобилот блеска со својот луксуз и рафинираност. Ентериерот е беспрекорно изработен и посветено е максимално внимание на сите детали. Секако, големиот рачно-изработен V8 го потпишува инженер од AMG кој неуморно и внимателно работел да го создаде големото срце на овој луксузен кабриолет. Уживајте!