ПРЕМИЕРА: Volkswagen Golf GTI 1976 во чест на 50 години Golf GTI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen Golf GTI 1976 во чест на 50 години Golf GTI!

Volkswagen ја привршува славеничката година на Golf GTI со специјален, роденденски модел кој ќе биде произведен во само.. Погодувате, 1976 примероци!

Специјалниот, роденденски Golf GTI 1976 доаѓа со 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 325 коњски сили, а ги пренесува кон предните тркала преку мануелен менувач со шест брзини. Всушност, оваа комбинација значи дека Golf GTI 1976 е најмоќниот Golf GTI со мануелен менувач во историјата.

Како што рековме, овој модел оддава почит на 50 години Golf GTI и годината во која првиот GTI е лансиран во Германија. Забрзувањето до 100 километри трае 5.8 секунди, додека максималната брзина е 270 километри на час – драстична разлика во однос на оригиналниот Golf GTI кој забрзуваше „до стотка“ за 9.2 секунди и достигнуваше максимални 182 километри на час.

Инаку, GTI 1976 презема многу детали од GTI Edition 50 – агресивниот Clubsport бодикит, поголем заден спојлер како и декоративни стикери околу автомобилот. Добива и дополнителни GTI линии на предниот сплитер, но и ознаки 1976 на предниот сплитер, на страничните ретровизори и на задниот спојлер. Добива и затемнети VW значки и црни завршетоци на Akrapovic издувниот систем.

Кабината е навистина специјална. Има специјалн осветлување кога ќе се отворат вратите, а тука е и рачката од менувачот во форма на топче за голф. Добива и црвени безбедносни појаси, па дури и црвена педала за гас. Дури и седиштата (кои се обвиени во нов материјал) се брендирани 1976 и огромни GTI букви.

Продажбата на славеничкиот Golf GTI се очекува да започне наскоро. Цените не се официјално познати, но очекуваме дека Golf GTI 1976 ќе биде поскап од GTI Clubsport.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.