ABT го претвори Audi RS Q8 во вистински чартер авион со 1000 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ABT го претвори Audi RS Q8 во вистински чартер авион со 1000 коњски сили!

Доколку мислевте дека Audi RS Q8 Performance со своите 640 коњски сили е доволно моќен, германските тјунери од ABT имаат поинакво мислење. Запознајте го ABT RSQ8-LE 1000!

По повод одбележувањето на 130 години постоење, ABT Sportsline подготви навистина специјално издание на моќниот SUV на Audi. Резултатот е RSQ8-LE 1000 – екстремен SUV кој испорачува сила достојна за вистински хиперавтомобил!

Под поклопецот се крие добро познатиот 4-литарски твин-турбо V8, кој во фабричка конфигурација испорачува 640 коњски сили. Сепак, инженерите на ABT одлучиле дека тоа едноставно не е доволно, па благодарение на ABT Power R пакетот успеале да извлечат огромни 1000 коњски сили!

За да ги постигнат овие бројки, инженерите вградиле нови турбополначи, подобрен интеркулер и специјален систем за вбризгување вода и етанол, кој овозможува поефикасно ладење на моторот. Интересно, целосната моќност се активира преку myABT апликацијата, а за нејзино постигнување е потребен и бензин со октанска вредност од 102 RON.

Од ABT сè уште не откриваат колку време му е потребно на нивниот чартер џет да достигне 100 километри на час, но знаеме дека максималната брзина е зголемена на 320 километри на час!

Секако, дополнителните 360 коњски сили не се единствената новост. ABT подготви и целосен аеродинамичен пакет со карбонски додатоци, кој вклучува нов преден сплитер, проширени крила, странични прагови, отвори за воздух и голем заден спојлер.

Агресивниот изглед го заокружуваат огромните 23-инчни ABT IR23 тркала во златна боја, обвиени во пневматици со димензии 295/35 ZR23. Тука е и новиот спортски издувен систем со четири завршетоци со дијаметар од по 105 милиметри, додека надградениот ABT Body Control систем се грижи за контролата на каросеријата.

Поврзано:  RS5-R e ABT верзијата на Audi RS5

Измени има и во кабината, каде среќаваме управувач обложен со Алкантара, карбонски детали, специјални ознаки RSQ8-LE и уникатна плочка со серискиот број на автомобилот. Секој примерок добива и специјален јубилеен медал со кој ABT одбележува 130 години постоење.

И сега доаѓаме до најинтересниот дел – цената. ABT ќе произведе само 30 примероци, а пакетот за преработка чини 165.000 евра, плус дополнителни 20.000 евра за монтажа. Тоа се вкупно 185.000 евра, и тоа без цената на самиот автомобил! Доколку сакате комплетен RSQ8-LE 1000, ќе треба да одвоите околу 345.000 евра.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.