Спој на легендарното и модерното: Овој McLaren 750S се претвори Mercedes-Benz CLK GTR! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Спој на легендарното и модерното: Овој McLaren 750S се претвори Mercedes-Benz CLK GTR!

Што ќе добиете кога ќе ги споите модерната технологија на McLaren и легендарниот дизајн на Mercedes-Benz CLK GTR? Одговорот е наречен Game Over и го претставува еден од најинтересните автомобили на овогодинешниот SEMA саем!

Калифорниското тјунинг ателје S Klub LA го искористи SEMA 2026 во Лас Вегас за да претстави навистина необичен проект. Проектот го носи името Game Over, а инспирацијата доаѓа од тркачкиот CLK GTR со кој Mercedes-Benz доминираше во FIA GT шампионатот во 1997 година. Истиот се базира на целосно нов McLaren 750s кој бил детално преработен за да ја добие оваа финална форма.

За трансформацијата, речиси сите надворешни панели на McLaren се заменети со нови. Предниот дел добива ниска и широка форма, четири кружни светла и агресивни отвори за воздух, додека проширените крила, карактеристичната кровна линија и огромниот заден спојлер се директна инспирација од германскиот тркачки автомобил.

Тука се и впечатливата црвено-бела комбинација, белите HRE тркала облечени во Toyo пневматици, како и целосно преработениот заден дел со четири централно поставени издувни цевки. Резултатот? Автомобил кој на прв поглед изгледа како да пристигнал директно од тркачките патеки во 90-тите!

Но под целосно новата каросерија се крие добро познатата механика на McLaren 750S. Тоа значи дека наместо атмосферскиот V12 на оригиналниот CLK GTR, Game Over користи 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 750 коњски сили и 800 Nm вртежен момент кон задните тркала преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка.

Британскиот супер-автомобил фабрички забрзува до 100 километри на час за само 2.8 секунди и достигнува максимални 332 километри на час. Дали новата каросерија влијае врз овие бројки? Засега нема официјални информации.

И во кабината има промени – црвена и бела кожа, контрастни детали и карбонски елементи, но модерната архитектура на McLaren е во голема мера задржана.

Поврзано:  Освежениот Mercedes-Benz GLE пристигна во Македонија

Ова е навистина интересен спој на германски тркачки дизајн од 90-тите и модерна британска супер-автомобилска технологија. Не се ни сомневаме дека Game Over ќе стане предводник од кого ќе бидат инспирирани многу други слични проекти.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.