Легендарниот британски бренд одново се открива себеси – а тоа го прави преку радикално напуштање на досегашната насока и цврсти, храбри чекори кон некои нови хоризонти.
По (во најмала рака кажано) контроверзна иницијална маркетинг кампања и радикален концепт кој го најави серискиот автомобил, Jaguar ни го покажа новиот Type 01. И тука… Сè е ново.
Ајде прво да зборуваме за дизајнот. Од Jaguar со гордост кажуваат дека не имитираат никого, туку дека ова е сосем нов автомобил, за еден сосем нов Jaguar. Дизајнот е остар, монолитски и самоуверен, со став кој одлично му прилега на еден голем гранд турер. Би рекле, некако Арт Деко. Не потсеќа на 50-тите години, на сите добри начини. Во ред, дизајнот нема да се допадне секому – но не ни треба. И најверојатно во спротивност со „хејтот“ кој Type 01 го доби уште пред воопшто да се појави – нам ни се допаѓа!
Инаку, Type 01 е поставен на нова електрична платформа која Jaguar ја нарекува Jaguar Electric Architecture. Основа е огромна батерија со капацитет од 118 kWh и 850-волтна електрична архитектура. Благодарение на можноста да се полни со максимални 350 kW, огромната батерија се дополнува од 10 до 80% за само 22 минути.
А што храни батеријата? Три моќни електромотори кои испорачуваат 1015 коњски сили и 1365 Nm вртежен момент. Според најавите, можеме да очекуваме Type 01 да помине околу 650 километри со едно полнење.
Ентериерот не е ништо помалку радикален. Type 01 има четири врати (две повеќе од концептот) и четири седишта, со интересен централен „гребен“ кој се протегнува од предниот па сè до задниот дел на кабината. Пред возачот има голем дисплеј со дигитални инструменти, а на централниот гребен е поставен мал, вертикален дисплеј (би рекле налик на мобилен телефон) преку кој се контролираат клима-уредот и уште неколку други функционалности.
Радикален нов пристап, за радикален нов Jaguar.
























