Откако пред неколку месеци Hyundai го покажа Tucson наменет за домашниот пазар, сега ни го покажа и новиот Tucson наменет за Европа кој е ист… Само малку пократок!
Оној Tucson кој го видовме пред неколку месеци беше наменет за Кореја и Америка, а овој Tucson за кој ќе зборуваме денес е наменет за нас, односно за Европа. Разликите не се преголеми. Односно разликите се точно 139 милиметри – европскиот Tucson е 139 милиметри пократок од оној наменет за Кореја и Америка, но затоа е 35 милиметри подолг од моделот кој го заменува.
Дизајнот е остар, аглест и футуристички, со јасна диференцијација во однос на минатиот модел. Кај новиот Tucson кулминира Art of Steel дизајнерската филозофија на Hyundai, а тоа значи чисти површини, остри линии и самоуверени детали. Врвно-опремените возила добиваат H-Edge предни светла со дури 25.600 индивидуални LED елементи, а на задниот дел доминираат призматичните задни светла кои се поставени во сличен распоред.
Во однос на ентериерот, од Hyundai кажуваат дека комфорот во кабината е инспириран од домашен мебел. Ветуват и дека контролите се интуитивни и лесни за користење. Секако, сепак сме во 21-виот век, па можеме да очекуваме големи екрани и силен фокус кон дигитализацијата. На средината на арматурната табла може да се добијат два екрани – еден со дијагонала од 12.9 инчи, вториот со дијагонала од дури 17 инчи, а зад целиот инфозабавен систем стои Pleos Connect софтверот на Hyundai кој е базиран на Android.
Покрај големиот екран, има и уште еден со дијагонала од 9.9 инчи, поставен пред возачот.
Новиот Tucson ќе може да се комбинира со бензински, хибридни или плаг-ин хибридни погони, а ќе може да се добие и со погон на предните или сите четири тркала. Основниот мотор во понудата е 1.6-литарски T-GDI со 150 коњски сили кој може да се комбинира со 6-степен мануелен менува. Одберете го 7-брзинскиот DCT автоматски менувач и ќе добиете и 48-волтен благ хибриден систем.
Над ова е хибридниот Tucson со 245 коњски сили и 380 Nm вртежен момент, а на самиот врв е плаг-ин хибридниот погон кој комбинира 1.6-литарски T-GDI турбо-бензинец со батерија со капацитет од 17.1 kWh и моќен електромотор за вкупно 292 коњски сили и 380 Nm вртежен момент, како и автономија на струја до 80 километри.
Интересен новитет е HEV Stay системот кој овозможува одредени функционалности (како на пример клима-уредот, аудио системот и полнењето на трети уреди) да продолжат да работат, дури и кога автомобилот е застанат. Ова овозможува континуиран комфор и релаксирано патување.




















