Според германскиот Automobilwoche кој се повикува на дилер на Volkswagen, електричниот ID. Polo е распродаден до следниот јули!
Volkswagen досега има примено повеќе од 30.000 нарачки за електричниот ID. Polo. Овие информации пристигнуваат од германскиот Automobilwoche, кој пак се повикува на еден од челниците на голем дилер на Volkswagen. „Целата ID. Polo гама е распродадена. Времето на чекање е најмалку 10 месеци“ – изјавил тој.
Ова е интересно, затоа што директно ги покажува желбите на купувачите – европските купувачи одамна сакаат (и чекаат) мал електричен европски автомобил и продажните резултати тоа и го покажуваат. Всушност, моделите како Renault 5 E-tech и сличните веќе го идентификуваа трендот, а ID. Polo целосно го потврди.
Дополнително, истото се случува и со електричниот Skoda Epiq (кој е веќе нарачан во 35.000 примероци), а дилерите пријавуваат и дека електричниот Cupra Raval е веќе распродаден за следните неколку месеци.
Ќе напоменеме дека Volkswagen ID. Polo, Skoda Epiq и Cupra Raval ја користат истата MEB+ архитектура, а сите три модели се произведуваат во фабриката во Марторел. И додека остатокот од Европа неуморно ги купува електричните возила, ние во Македонија сè уште грчевито се држиме за некои застарени, очигледно веќе надминати стравови.







