Leapmotor A05 пристигнува со LiDAR и досег до 510 километри! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Leapmotor A05 пристигнува со LiDAR и досег до 510 километри!

Leapmotor го претстави новиот електричен хечбек A05, кој ќе се позиционира во компактната класа и ќе биде директен ривал на BYD Dolphin.

Новитетот носи модерен дизајн, солиден досег и технологија која досега беше резервирана за значително поскапите автомобили.

Со должина од 4.175 милиметри, ширина од 1.790 милиметри и меѓуоскино растојание од 2.605 милиметри, A05 е компактен хечбек со пропорции кои треба да овозможат добра искористеност на просторот во кабината.

Најинтересниот детал е можноста за LiDAR сензор поставен на покривот. Leapmotor тврди дека A05 ќе биде единствениот хечбек во својот сегмент кој ќе може да се добие со оваа технологија и напреден систем за асистирано возење.

Leapmotor A05 ќе биде достапен со електромотори со 70 kW, односно 95 коњски сили, и 90 kW или 123 коњски сили.

Во понудата ќе има батерии со капацитет од 40 и 53 kWh. Според кинескиот CLTC циклус, досегот ќе изнесува до 405, односно до 510 километри со едно полнење.

Во кабината се наоѓа 8,88-инчен дигитален инструмент-панел и голем 14,6-инчен централен екран. Инфозабавниот систем користи Qualcomm Snapdragon 8295 процесор, а меѓу достапната опрема се безжично полнење за мобилен телефон и амбиентално осветлување.

По лансирањето во Кина, новиот хечбек ќе пристигне и на европскиот пазар, каде ќе се продава под името Leapmotor B03 преку продажната мрежа на Stellantis.

Се очекува почетната цена во Европа да биде под 24.900 евра, што ќе го позиционира B03 како конкурент на модели како Volkswagen ID. Polo и Renault 5 E-Tech.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.